Христос прикажан на луѓето (Ecce Homo), слика од Тицијан / Фото: ICP, incamerastock / Alamy / Profimedia

ВИДЕО | Сензационално! Скриен портрет откриен под сликата со приказ на Исус Христос од ренесансниот мајстор Тицијан

Истражувачите од Кипар откриле скриен портрет на непознат човек под слика од 1570 година на ренесансниот сликар Тицијан, на кој е прикажан Исус Христос, пренесува „Ројтерс“.

Новооткриеното дело прикажува неидентификуван човек со тенки мустаќи и пенкало во рака, кој стои покрај куп хартии или книги. Врз оваа слика, Тицијан подоцна насликал приказ на Исус Христос, врзан и со круна од трње на главата.

Професорот Николас Бакирцис од Кипарскиот институт истакнува дека сликата крие тајна и дека тајната е во тоа што под сликата на Исус Христос има портрет на непозната личност.

„Ова откритие ни помогна да разбереме многу повеќе отколку што знаевме за повторната употреба на платна и слики во ренесансните студија, особено оние на Тицијан“, рекол Бакирцис.

Завршеното уметничко дело, наречено „Еве го човекот“ (Ecce Homo), го прикажува Исус како стои до Понтиј Пилат со трнов венец на главата, а делото подолу е откриено кога истражувачите ја погледнале сликата под микроскоп за време на подготовките за реставрација.

„Тоа беше како да решавате загатка. Мислевме дека тоа се почетните потези на сликата, но кога почнавме да сфаќаме дека под композицијата има комплетно дело, станавме исклучително возбудени, среќни и заинтригирани“, нагласил професорот Бакирцис.

Клучното прашање, зошто Тицијан насликал нова слика над нечиј портрет, професорот го објаснува со претпоставка дека на клиентот тоа не му се допаднало или не платил, а можеби се иселил надвор од градот или исчезнал.

Тицијан Вечели е роден во 1488 година и насликал стотици слики до неговата смрт во 1576 година, а истражувачите велат дека често користел полуготови дела како основа за неговите дела.

Според професорот, Тицијан бил некој кој повторно ги користел своите платна, но во ниту една слика не може безбедно да го мапираат директното сликање на композицијата над претходната работа.

„Судејќи според изгледот на делото, јасно е дека станува збор за портрет на банкар, адвокат или некој сличен професионалец насликан во неговиот работен простор“, додал Бакирцис.

Изложба на слики на Тицијан и приказот на скриениот портрет беше отворена во Лимасол на крајот на јануари и ќе трае до 10 март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот