Трамп и Путин во Алјаска

ВИДЕО | Путин и Трамп „во потрага по мир“: започна историската средба во Алјаска

Претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп се сретнаа денес во Алјаска. Главни теми на преговорите – прашањето за Украина и нормализацијата на односите меѓу Москва и Вашингтон. Како што е најавено, прво Путин и Трамп ќе разговараат насамо, а потоа средбата ќе продолжи како дел од работен појадок на кој ќе учествуваат и делегациите на Русија и САД.

Во руската делегација се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов и специјалниот претставник на претседателот за инвестиции и економска соработка со странски земји Кирил Дмитриев.

По состаноците, планирана е заедничка прес-конференција, а руската делегација планира веднаш потоа да ја напушти Алјаска. Патем, за да се овозможи средбата на територијата на САД, Вашингтон суспендираше низа антируски санкции.

Во потрага по мир

Натписот „Во потрага по мир“ е на транспарентот на местото каде што Путин и Трамп ќе одржат разговори, пренесува РИА Новости. Слоганот е бел на темно сина позадина.

Венс: Се молам за мир пред средбата меѓу Трамп и Путин

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џеј Ди Венс изјави дека ќе се „моли за мир“ пред средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.

Во објава на социјалната мрежа X, Венс му изрази благодарност на Трамп за, како што наведе, неговото лидерство во процесот на дијалог со Москва.

-Сум благодарен на претседателот Трамп за неговото лидерство денес, бидејќи отпатува во Алјаска за да се сретне со рускиот претседател Путин. Се молам за мир во наредните денови – рече потпретседателот на САД.

Трамп слета во 20:15 часот

Авионот на американскиот претседател Доналд Трамп слета денес во Алјаска, каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој слета малку по 20:15 часот по средноевропско време, но сè уште не го напушташе авионот бидејќи се чекаше да слета авионот со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, пишува Скај њуз.

На пистата каде што двајцата претседатели требаше да се поздрават беше поставен црвен тепих.

Во 20.54 слета авионот на Путин

Авионот Ту-214 со кој се наоѓаше рускиот претседател Владимир Путин слета во Алјаска, каде се одржува историскиот руско-американски самит.

Путин и Трамп се ракуваа

Прв од авионот излезе Трамп, кој го пречека Путин на црвениот тепих, а потоа, по краток и навидум срдечен разговор, застанаа на платформата за да позираат за присутните медиуми.

За време на позирањето, Трамп плесна со рацете неколку пати. Потоа се упатија кон возилата што ќе ги превезат до базата Елмендорф-Ричардсон каде што се одржува состанокот

21.28 – Започна состанокот

Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин пристигнаа во воената база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, каде што започна состанокот меѓу двајцата лидери за ситуацијата во Украина.

Средбата првично требаше да се одржи во тет-а-тет формат со преведувачи, но беше променета и на неа ќе присуствуваат државниот секретар на САД Марко Рубио, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, а од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на Кремљ Јуриј Ушаков.

Според руските медиуми, состанокот започнал порано, за време на разговорот меѓу двајцата претседатели во лимузината „Ѕвер“ на Трамп, која била користена за нивен превоз од аеродромот до базата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот