ВИДЕО | Протест на годишнината од пожарот во модуларната: Државата слави, а ние тагуваме за нашите роднини кои живи изгореа

Фото: Слободен печат

14 изгорени маички денеска беа закачени на локацијата каде беше поставена модуларната болница во кругот на Клиничката болница Тетово, која на денешен ден пред две години целосно изгоре со 14 луѓе, 12 пациенти и двајца роднини на заразените од Ковид 19.

Маичките ја симболизираа трагедијата која ја потресе Македонија и регионот.

Фото: Слободен печат

Мумин Исмаили син на една од жртвите во модуларната болница заедно со останатите роднини на загинатите од местото на несреќата организираа протестен марш. Се упатија кон булеварот „Благоја Тоска“, „Маршал Тито, а на градскиот плоштад со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртите. На крај потоа се упатија кон тетовскиот суд. Правдата ќе ја бараме до крај, вели Исмаили. Таа ќе биде задоволена кога на обвинителна клупа ќе седнат вистинските злосторници и истите ќе се казнат.

„Сега државата слави, а ние тагуваме за нашите 14 живи изгорени луѓе. Ние бараме правда, се знае кој е виновен. Ние бевме на 29 судски рочишта, немаше никаква правда, беа осудени тројца луѓе, но главните виновници се знае кои се, тие кои ја граделе модуларната. Јас сум бил со мојата мајка таму кога избувнал пожарот.Ние бараме нова истрага. Беа изгорени пред нашите очи, а ние не можевме да ги спасиме. Заминаа нивните животи поради непочитување на стандарди за градба, починаа за неколку илјади евра. Се обидоа да не замолчат. Црниот чад што беше од модуларната болница го покри правниот систем. Корупцијата убива. Сите политичари зборуваат за интеграција на ЕУ, но правото не се почитува. Судството и обвинителството се дел од организираниот криминал како и корупцијата, злото и олигархијата. Како членови на семејствата бараме да се отвори судска постапка за причини на пожарот, а бараме и разрешување на главниот обвинител Јовески, заедно со главниот обвинител во Тетово, но и другите обвинители. Нема правда нема мир“, рече Мумин Исмаили, роднина на загинат во Модуларната болница Тетово.

Подршка на денешниот протестен марш му дадоа граѓани и невладини организации. Дека нема правда, покажува самото тоа што во целата истрага не беше земена во предвид германската експертиза, велат од невладиниот сектор.

Фото: Слободен печат

„Игнорирањето на германската експертиза за да се амнестираат вистинские виновнци е скандал на судскиот систем. Имаме култура на неказновост на сите нивоа“, вели Нгадњим Мемети од невладината организација Еко Герила.

„Ние сме тука дојдени како револтирани граѓани. Таа трагедија се случи поради нефункциоирањето на институциите, на тие кои ги градеа модуларните болнци без прописи. На крај, по големата трагедија ние немаме ниеден виновен за овој чин, а неказнивоста на трагедиите ни носат нови трагедии, а ако продолжат институциите да работат за интерес на кланови, сето тоа ние ќе го плаќаме со животи, рече Елмедина Абдулахи од невладината организација Подобро за Тетово.

Од семејствата на загинатите, истакнаа дека ќе продолжат и натаму да организираат протести, се додека како што рекоа правдата не излезе на виделина.

По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Обвинителството ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Првото судско рочиште беше закажано за 6 септември, но четири пати беше одложувано и судскиот процес почна на 4 декември 2022 година.

Судењето заврши на 5 јуни 2023 година, при што условна осуда од година и половина добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Според пресудата, Флорин Бесими и Артан Етеми добија казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело.

Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот