ВИДЕО: Поради доцнење на проценките, децата останаа без образовни асистенти на училиште

Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Стартот на новата учебна година донесе неизвесност, грижи и стресови за децата со посебни потреби и нивните родители.

Имено, голем број деца останаа без своите образовни асистенти, без кои не се во можност да ја следат наставната програма, а причина за тоа според Елена Јакимовска – Павлеска е неажурноста на Службата за функционална проценка на деца и млади според МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, попреченост и здравје).

– Образовниот асистент на моето дете кое има аутистичен синдром го доделија на друго дете, а ние се уште немаме образовен асистент. Причина за тоа е што Комисијата за проценка на здравствената и психолошка состојба на деца не си ја работи својата работа. Со месеци се чека за детето да биде повикано на проценка. Ние чекаме од февруари, има и деца кои чекаат подолго. Од друга страна, мојот син доживеа емотивен шок поради разделбата со асистентот. Сметам дека ниту еден асистент не треба да потпишува договор за работа пократок од пет години, објаснува Павлеска.

Со истиот проблем се соочува и друго семејство од Скопје, кое екипата на „Слободен печат“ го затекна пред просториите на Комисијата.

-Мојата ќерка сега е четврто одделение. Досега имавме асистент кој многу и помагаше, но оваа учебна година, токму кога почнуваат со нова наставна програма, ќерка ми нема асистент. Без образовен асистент таа не може да ја следи наставата. Уште минатата учебна година се пријавивме за проценка и се уште чекаме да не викнат. Денеска одлучивме да дојдеме самоиницијативно, но не завршивме работа, ние рекоа да си одиме дома и дека ќе не викнат, раскажува Мирјана Петровска.

Одговор за ненавременото обезбедување на образовни асистенти се обидовме да добиеме и од Службата за функционална проценка од каде добивме одговор дека раководителот Горан Петрушев е на пат и без негово одобрение не смеат да даваат изјави за јавност.

До минатата година проценка на состојбата не беше потребна, туку децата добиваа асистенти врз основа на наодот и стручно мислење за дијагнозата. Овој проблем се појави откако државата донесе нов закон за образование со кој е предвидено образовните асистенти да се вработат, а не како досега да бидат ангажирани за хонорар од 9.000 денари.

Во Скопје има две тела за проценка, едното е во Домот за деца без родители, а другото е во Заводот за рехабилитација на деца и младинци, каде што доаѓаат на проценка деца и од останатите градови во државата, освен од Битола и Струмица каде што имаат отворено регионални канцеларии.

-Се до целосно отварање на центри за функционална проценка во сите статистички плански региони во Република Северна Македонија овие стручни тимови ќе вршат функционална проценка на деца и млади од сите општини на територијата на Р.Северна Македонија, велат од Министерството за труд и социјална политика.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот