ВИДЕО: Полска пред „пукање“, пристигнаа бегалци од Украина колку што има популација во Варшава

Украински бегалци во Полска/Фото: Слободен печат/Кристина Атовска

Од почетокот на руската инвазија во Украина на 24 февруари речиси 3 милиони Украинци ја напуштија земјата и се упатија кон соседните Полска, Романија, Молдавија, Унгарија и Словачка.

Најмногу бегалци од Украина досега прими Полска – над 1,8 милиони бегалци – што е речиси двојно повеќе од очекуваните 1 милион, така што сега дојде до зголемување на населението во земјата за 4,8%. Бројот на бегалците е еднаков на популацијата која живее во главниот и најголем град во Полска, Варшава.

Оваа источноевропска земја е природна влезна точка за Украинците поради нивната заедничка копнена граница долга 530 километри, како и бројните историски, културни и економски врски.

Инаку, во Полска веќе има значителна украинска дијаспора по претходниот миграциски бран во 2014 година во време на руската анексија на Крим.

На лицата на стотиците бегалци кои ги затекнавме на пунктот во Краков, видливи се стравот и траумите од војната, неизвесноста со која се соочуваат и загриженост за блиските кои останале во Украина.

Краков, еден од полските градови кој прими најмногу бегалци до сега, помошта се одвива организирано, преку пункови на кои главно работат волонтери. Бегалците добиваат храна, напитоци и други потребштини, зошто голем дел од нив од Украина побегнаа речиси со една торба во рацете.

Градовите, пак, во близина на границата на Полска со Украина, како што е Жешов, се преполни со бегалци и хуманитарни работници, дури и имаат недостиг на капацитети да ги прифатат сите кои ќе ја поминат украинската граница.

Во поголемите градови како Варшава и Краков, некои служби го достигнаа својот максимален капацитет. Сега полските власти ги повикуваат бегалците да бараат засолниште во помалите градови во земјата.

Но, бидејќи десетици илјади бегалци продолжуваат да пристигнуваат во Полска секој ден, полските власти се состануваат со други официјални претставници ширум Европската унија за да најдат начини да ги распределат. Сега нудат бесплатен превоз за бегалците до другите држави во Европската унија, а до Германија, во моментов, има осум возови дневно.

Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, претходно за бранот бегалци рече дека е „најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна“.

Досега, ЕУ додели 500 милиони евра (547 милиони долари) за хуманитарна помош за Украина. Од друга страна, трошоците за поддршка на 5 милиони бегалци би можеле да бидат 50 милијарди евра само во 2022 година.

Во меѓувреме, Унијата ја активираше досега некористената Директива за привремена заштита со која на украинските државјани им се дава право да живеат и работат во земјите домаќини до три години.

Подолгорочно, сепак, ќе треба да одлучи дали ќе понуди постојан азил на мигрантите и како притисокот ќе се распредели низ Унијата за да го олесни товарот на главните домаќини како Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Молдавија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот