ВИДЕО | Полицискиот синдикат обвинува за незаконска прераспределба на работници на МВР надвор од нивното место на живеење

Бидејќи во Министерството за внатрешни работи целата работа ја извршува човечки фактор, неопходна е потребата од следење и надгледување на таа работа за да се избегнат пропусти, недоследности па и девијантни појави кои допринесуваат кон неквалитетно, недомаќинско работење кое ќе резултира со неуспешност, намален квалитет и во крајна инстанца до распад на системот на работа и хиерархијата во таа организација, порачаа на денешната прес-конференција од Синдикатот за полицијата.

Од Синдикатот обвинија за неодговорно работење на МВР, односно за незаконски доделувања на решенија на полициски службеници за нивно прераспределување надвор од местото на кое живеат.

– Постојат, повторно за жал, многу примери на неодговорно работење во рамките на МВР, но како еден од последните мораме да го издвоиме и незаконското доделување на решенија на работници во МВР со кои се прераспоредуваат надвор од местото на живеење. Да бидеме попрецизни, има ли поголем доказ за тоа дека од страна на Државниот инспекторат за труд е утврдено дека најголемиот дел од распоредувањата во Министерството се донесени спротивно на одредбите од Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР – посочија од Синдикатот.

Оттаму нагласуваат дека нема записник за одржан состанок на кој се донела одлука за распределба на работниците на МВР.

– Да стане појасно, Државниот инспекторат за труд утврдил и констатирал дека одлуките за распоредувања немаат образложение со наведени причини за распоредувањето, кон одлуките нема записник од одржаниот состанок на Комисијата и врз основа на што комисијата ја донела одлуката. Решенијата за распоредување биле донесени спротивно на одредбите од член 116 став 2 од ЗВР истите не содржат образложение за причините на распоредување со што работодавачот не ја докажал основаноста на распоредувањето од член 111 од ЗВР – појаснија од Синдикатот, додавајќи дека станува збор за збор за стотици и стотици незаконски решенија поради кои, како што велат, МВР ќе биде дополнително принудено да исплаќа огромна сума од изгубени судски процеси.

Тие испратија и барање до министерот Оливер Спасовски да престане „незаконското работење“ и полициските службеници да се вратат на своите работни места.

– Министре, бараме веднаш да престанете со незаконското работење и сите работници кои во изминатиов период добија решенија спротивни на Колективен договор односно се распоредени спротивно на нивната волја надвор од местото на живеење повеќе од шест месеци да се вратат на своите претходни работни места согласно важечките прописи а со тоа ќе покажете и докажете дека патот по кој се стремите да чекорите „Патот кон Европската Унија“ е ваш пат по кој навистина се стремите – порачаа од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот