ВИДЕО | Најмалку 50 мртви во експлозија на гробишта во Иран каде е погребан поранешниот генерал Сулејмани

Во Иран се одржа церемонија по повод смртта на генералот Касем Сулејмани / Фото : AHMAD AL-RUBAYE / AFP / Profimedia

Во две експлозии загинаа најмалку 50 луѓе, а десетици се ранети во близина на гробиштата во Иран каде се одржа церемонија по повод смртта на врховниот командант на земјата Касем Сулејмани, убиен во 2020 година во напад на американски беспилотни летала, објавија денеска иранските државни медиуми.

Иранската државна телевизија јави за првата, а потоа и за втората експлозија за време на церемонијата во југоисточниот град Керман, наведувајќи дека најмалку 50 луѓе загинале.

„Огромна експлозија се случи во близина на џамијата Сахеб ал Заман, каде што се наоѓа гробот на Сулејмани во Керман“, објави државната телевизија, додавајќи дека втората експлозија се случила неколку минути подоцна, пренесува агенцијата Франс прес.

Иранската агенција Ноурњуз јавува дека неколку плински боци експлодирале на патот што води до гробиштата и дека властите ја следат ситуацијата.

Си-Ен-Ен објави дека амбулантни возила се на пат кон гробиштата каде што стотици Иранци се собраа да ја одбележат смртта на Сулејмани.

„Нашите тимови за брз одговор ги евакуираат повредените, но толпите ги блокираат патиштата“, изјави Реза Фалах, шеф на Црвената полумесечина во провинцијата Керман, за државната телевизија.

Сулејмани, командант на елитните ирански сили Кудс, беше водач на иранските воени операции на Блискиот исток и беше убиен од САД во јануари 2020 година во Ирак.

Полуофицијалниот „Ноурњуз“ соопшти дека „неколку плински канистри експлодирале на патот што води до гробиштата“. Иранските државни медиуми цитираа локален функционер кој вели дека „се уште не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од боци со гас или терористички напад“.

Државната телевизија ги прикажа спасувачите од Црвената полумесечина како им помагаат на ранетите на церемонијата, каде што стотици Иранци се собраа да ја одбележат годишнината од смртта на Сулејмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот