ВИДЕО | Музичарка создадена со помош на вештачка интелигенција ја промовираше својата прва песна

Фото: Принтскрин / Твитер

Пејачката Ана Индијана која е создадена со вештачка интелигенција, ја промовираше својата прва песна и предизвика бурни реакции кај корисниците на социјалните медиуми.

Музичкарката Ана Индијана неодамна се појави на социјалната мрежа Икс. Нејзината музика се целосен производ на вештачката интелигенција, која и понатаму предизвикува загриженост во креативните индустрии.

Иницијалите „АИ“ (AI), всушност го означуваат нејзиното потекло, бидејќи нејзиниот изглед и нејзината музика се направени со помош на технологијата со вештачката интелигенција.

Инаку, на мрежата Икс беше објавено видео од три и пол минути на кое се гледа како Ана снима песна во музичко студио.

„Здраво свету! Јас сум Ана Индијана и сум пејачка и текстописец со вештачка интелигенција. Еве ја мојата прва песна ‘Betrayed by this Town’. Сè – од клуч, темпо, акорди, ноти, мелодија, ритам, текст и моите слика и пеење – автоматски генерирани од вештачката интелигенција. Се надевам дека ќе ви се допадне“.

Песната „Betrayed by this Town“ е поп-балада, а текстот накратко зборува за тоа како девојките седеле во кафуле, пиеле чај и размислувале за мажите кои ги предале.

Откако ова видео стана вирално, многумина го искажаа своето мислење околу користењето на вештачката интелигенција во светот на креативноста.

Повеќето не се многу ентузијасти за песната, а уште помалку за идејата да се користи вештачка интелигенција наместо човечка креативност.

 „Убава демонстрација за тоа како би звучела музиката доколку се отстранат сета креативност и страст. Сигурен сум дека мојата микробранова печка ќе го слуша ова. Ова ме доведе до солзи. Многу сум возбуден за иднината“, напиша еден корисник.

„Порано мислев дека вештачката интелигенција е закана, не повеќе“; „Никој во светот не ја сака оваа технологија. Користете вештачка интелигенција за да си ја олесните работата, а не да ги уништувате активностите во кои уживаме“; „Ова е ѓубре“, беа другите коментари.

Иако повеќето корисници се чувствуваа непријатно со вештачката интелигенција, други пофалија колку напредувала технологијата.

„Боже, такви кусогледи коментари. Само пред една година дебитираше ‘Четџипити’. Вратете се овде за една година“, беше позитивниот коментар.

Инаку, не е јасно кој стои зад создавањето на оваа песна со помош на вештачката интелигенција.

ФОТО | Првата манекенка создадена со вештачка интелигенција заработува до 10.000 евра месечно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот