
ВИДЕО | Луис Томлинсон за трагичната смрт на Лијам Пејн: „Празнината што ја остави не се пополнува“
Поранешниот член на некогаш најпопуларниот машки бенд на светот, „Уан дајрекшн“, Луис Томлинсон, првпат проговори отворено за тоа како изгледал моментот кога групата се распаднала и каква празнина оставила смртта на неговиот близок пријател и колега, Лијам Пејн.
Препорачано
За време на гостувањето во поткастот на Стивен Бартлет, Томлинсон се наврати на 2015 година, кога членовите на бендот одлучија да заминат на „подолга пауза“.
„Тоа беше чуден состанок, без трети лица, но се чувствуваше како да седат со нас нашите менаџери. Атмосферата беше студена, никогаш не сум почувствувал таква енергија. Се чувствуваше празнина, како сите да знаевме дека нешто завршува“, рече тој.
Луис призна дека во тоа време бил наивен и верувал дека паузата ќе трае само неколку години.
„Бев убеден дека ќе се вратиме, но никој не сакаше да ми каже колку долго ќе трае. Сега разбирам дека веќе тогаш некои знаеле дека тоа е крајот,“ додаде тој.
Пејачот зборуваше и за заминувањето на Зејн Малик од групата, признавајќи дека бил „скршен и лут“ што неговиот пријател не му кажал лично дека ја напушта групата.
„Можеби мислеше дека ќе се обидам да го одвратам, затоа ништо не ми рече“, искрено призна Томлинсон.
Кога зборуваше за смртта на Лијам Пејн, која се случи во октомври минатата година во Буенос Аирес, неговиот глас затрепери.
„Тој ми беше како брат, еден од моите најдобри пријатели. Сите ние го гледавме како некој на кого се угледуваме, иако тогаш немавме храброст да го кажеме тоа гласно. Откако замина, ништо повеќе не е исто“, рече со тага Томлинсон.
Тој призна дека иако луѓето често го прашуваат дали некогаш повторно ќе се собере „Уан дајрекшн“, не може да замисли група без Лијам.
„Не сум сигурен дека би било исправно кон него. Никогаш не вели никогаш, но нешто би недостасувало засекогаш,“ изјави пејачот.
Сепак, животот го носи во нова насока – заедно со Зејн Малик работи на документарна серија што ќе се прикажува на Нетфликс, во која двајцата повторно ќе се поврзат преку приказни за пријателството, љубовта и татковството.
„Животот понекогаш те раздвојува од луѓето што најмногу ги сакаш, но вистинските врски не исчезнуваат. Само чекаат повторно да бидат разбудени“, заврши Томлинсон.