
ВИДЕО | Култната сцена под тушот во хоророт „Психо“ на Хичкок, засекогаш останува врежана во умот на гледачот
Пред снимањето на филмот „Психо“, Алфред Хичкок му дал на Ентони Перкинс неколку стотици долари и му рекол да купи облека за која смета дека треба да ја носи ликот што ќе го игра – Норман Бејтс. Тоа бил почетокот на визуелното создавање на ликот што стана синоним за ладнокрвниот филмски психопат-сериски убиец.
Препорачано
Психолошкиот хорор, направен во стилот на Хичкок, донесе бројни значајни моменти во светот на киното и сè уште многумина го сметаат за еден од најдобрите и најзначајните филмови некогаш направени. Раздвоената личност, тенката линија помеѓу доброто и злото кај човекот и бегството од реалноста се само некои од значајните моменти прикажани во овој филм.
Филмот е снимен според романот на Роберт Блох, кој нашол инспирација во еден новинарски текст за човек од Висконсин кој го чувал телото на својата мајка. Направен за минимален буџет дури и за стандардите на шеесеттите години на минатиот век, а прикажан е премиерно во Њујорк на 16 јуни 1960.
Ликот на Норман Бејтс е базиран на серискиот убиец Ед Гејн од Висконсин (инспирација и за убиецот во „Кога јагнињата ќе стивнат“). Норман е директно контролиран од гласот на мртвата мајка, која го тера да ја убие секоја жена што сексуално го привлекува. Драматичната музика, звукот на врисок и чкрипењето секогаш кога госпоѓата Бејтс напаѓа ја гради тензијата и кулминацијата, а во текот на целиот филм Хичкок погрешно го наведува гледачот да мисли дека убиецот е мајката на Норман, а не тој.

„Го измислив ликот на Норман Бејтс, но само две години подоцна открив дека она што го замислував е многу блиску до вистинскиот профил на Ед Геин. Откако јасно разбрав каков е мојот лик во реалноста, книгата дојде лесно – ја напишав за месец и половина“ – открил Блох.
Приказната на „Психо“ е следнава – по кражбата на 40 илјади долари, Мерион Крејн (Џенет Ли) бега кон Калифорнија кај својот љубовник Сем. Попатно застанува во осамениот мотел, чиј сопственик е Норман (Ентони Перкинс) и исчезнува. Детективот Арбогаст (Мартин Балсам), заедно со сестрата на Мерион, Лајла (Вера Мајлс), се обидуваат да дознаат што се случило.
„Публиката дотогаш не видела нешто слично – огромен шок од убиството на главниот лик и тотално чувство на дезориентација“, стои во сите новинарски и академски текстови за „Психо“ (16 јуни, 1960) на Алфред Хичкок. Сцената на убиството под тушот и врисокот на Џенет Ли, го прави „Психо“ еден од најстрашните хорори на сите времиња.
За сцената на убиството на главната женска улога на Хичкок му биле потребни 7 дена – 45 секунди долга низа на слики. Комбинацијата од крупни кадри и нивното кратко траење ја прави сцената посубјективна, а техниката Хичкок ја опишал како „премин на опасноста од екранот во умот на гледачот“.
За за да се нема цензура, повлечена е снимката од голиот задник на Џенет Ли. Бидејќи Ли не сакала да се појави гола пред камерите, Хичкок ја донел егзотичната танчерка Марли Ренфо како двојничка.
„Психо“ е првиот американски филм во кој е прикажана тоалетна школка и начинот на кој таа функционира. Кога Марион Крејн се предомислува и одлучува да му ги врати украдените пари на работодавачот, таа пресметува на парче хартија колку потрошила дотогаш и колку треба да врати. Потоа ја кине хартијата и ја фрла во веце-школката, пуштајќи го инкриминирачкиот документ во водата за да исчезне. Сценаристот Џозеф Стефано со помош на Хичкок ја додава оваа сцена како важен дел од дејствието, не само како дел од бањата.
