ВИДЕО: Кралската коњаница откри зошто коњите избезумено галопираа низ Лондон, тројца коњаници се полесно повредени

Оседлани коњи побегнати од парада галопираа низ лондонските улици/Фото: Скриншот

Два од коњите на британската армија, кои во средата побегнаа во центарот на Лондон, предизвикувајќи неред во кој се повредени четири лица, денеска се во „тешка состојба“, изјави британскиот заменик министер.

„Имаше пет коњи и сите беа фатени. Три од нив се добро, двајца се за жал во тешка состојба што ја следиме“, изјави за Скај њуз заменик-секретарот за одбрана Џејмс Картлиџ. Овие коњи се нарекуваат Вида и Квекер.

Епизодата се случи вчера, недалеку од Бакингемската палата, за време на излетот на група од седум коњи на Кралската коњаница, елитна единица која главно ја обезбедува заштитата на кралското семејство и учествува во различни церемонии.

Според армијата, животните биле исплашени од паѓањето на парче бетон што го носел кран и пет од нив почнале да галопираат, соборувајќи четворица коњаници, од кои тројца биле повредени. Нивните животи не се во опасност, појасни истиот извор.

Запрепастените лондончани потоа ги гледаа коњите како диво галопираат, еден облеан во крв, низ булеварите во главниот град, како ги претекнува возачите, налетува на такси и автобуси и ги плаши велосипедистите. Еден таксист изјавил за Би Би Си дека почувствувал силен тресок додека седел во својот автомобил, а потоа видел „три или четири коњи“ како трчаат подалеку, оставајќи го неговиот автомобил уништен, со скршени стакла и обоен со крв.

Некои познати армиски коњанички полкови имаат свои штали во британската престолнина и коњи редовно се гледаат околу владините згради во Вајтхол, Бакингемската палата и во близина на Хајд Парк. Овие коњаници учествуваат на роденденската парада на британскиот монарх, која традиционално се организира во јуни.

Според Картлиџ, „се исклучува веројатноста“ таквите настани да се повторат, бидејќи армијата секојдневно тренира без инциденти во центарот на Лондон со речиси 150 коњи.

Но, по овој инцидент, здруженијата за заштита на животните ги повикаа воените сили да престанат да користат коњи за паради, нагласувајќи, како и британската невладина организација Animal Justice Project на социјалната мрежа X, дека „коњите не ни припаѓаат на нас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот