ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Секој орган може да се регенерира без лекови, им се обраќаме на клетките со програмски јазик

Tатјана Илиевска и Кристијан Давидовски/Центар за биоинформатика „Ревит”- Фото:Драган Митрески

Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини… се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал. Се надеваме дека на ваков начин ќе ја поттикнеме јавната свест но и надлежните институции да се издвојуваат повеќе средства за оваа намена, да најдат начин да ги промовираат нивните идеи онаму каде што треба за подобро утре за сите нас. Воедно, ова нека биде и отворен повик до сите што сакаат да ги споделат своите успеси и иновации со нас, но и со целата јавност, да се пријават на официјалната имејл-адреса.

Татјана Илиевска и Кристијан Давидовски се сопственици на Центарот за биоинформатика „Ревит“. За „Слободен печат“ велат дека биоинформатика е наука која се занимава со проучување на софтверските системи на биолошките организми. Тоа вклучува декодирање, зачувување, модулирање и пренесување на биолошки активни софтверски бази. Велат дека светот посветува големо внимание на оваа гранка поради фактот дека овозможува перспектива како ниедна досега позната медицинска гранка.

Кристијан Давидовски вели дека немале идеја да отворат ваков Центар. Приказната почнала многу наивно.

Центар за биоинформатика „Ревит” /Фото:Драган Митрески

– Јас сум во основа, самоук информатичар, интересирајќи се за информатика, случајно наидов на една група од Украина од Киев, да ги наречеме научници, професори, кои се занимаваат со информациска медицина, во којашто е применета биоинформатика. И така се заинтересирав фактички, да проучам што е тоа, буквално од љубопитство. Од тој интерес дојде до ова што денес се вика Центар за биоинформатика-вели Давидовски.

Илиевска објаснува дека таа е фармацевт по професија. На почетокот и било многу тешко да разбере и да прифати дека одредени информации коишто го заменуваат тој меѓуклеточен јазик, може да направат иста промена како некоја супстанција којашто ја земаме.

– Сепак, мојата едукација, образование беше дека болест се лекува со соодветна хемиска супстанција, без разлика дали е природна или не е природна. Меѓутоа, видов дека всушност лекувањето на самиот организам не се случува само ако надокнадиш нешто што му недостасува. Поентата е враќање на сите органи во нормална функција. Секој орган, секоја клетка може да се регенерира, може да се врати во нормала, свеста на човекот може да се издигне. Мислам дека комплетно ни се смени животот од кога почнавме да се занимаваме со тоа-вели Илиевска.

Центар за биоинформатика „Ревит” /Фото:Драган Митрески

Во моментот кога стигнале до регенерирање на првиот орган, решиле дека ќе направат клиника, ќе го направат првиот центар каде може да дојде и здрав човек, да направи дијагностика на целото тело и ќе може да направи регенерација на сите органи за да може да живее многу поквалитетно и поубаво.

– Кај нас дијагностиката всушност е увид во функцијата на сите органи. Тоа ни е неопходно и потребно за да знаеме кој орган, е послаб, кој функционира одлично, каде имаме некакво оптоварување и каде е потребен друг тип на информација за да се врати телото во нормала. Бидејќи организмот може да изгледа одлично, на ехо да изгледа нормално, но да не функционира како што треба. По таа дијагностика каде што се мери невронски потенцијал, во истиот принцип како ЕКГ, ја гледаме доста детално функцијата на сите органи. По одредена дијагностика, посебно се прави персонализирана терапија за секој пациент бидејќи секој пациент има различна функционална состојба-вели Татјана.

Кристијан објаснува дека најинтересниот дел во таа функција на промената на органите е тоа што тие не ја прават промената по хемиски пат, туку, имаат можност да се обратат до клетките, на истиот програмски јазик на коишто тие функционираат.

– Микропроцесорите кои ги користиме се од метален микроматеријал (калај) чија структура се запишува со посебен хардвер и софтвер, тоа е информација која има потребна да се пренесе на клетките. Користиме најобична вода, тие мали микропроцесори се ставаат во шишенце со најобична вода, бидејќи водата има специфична улога во функцијата на нашиот организам-вели Давидовски.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот