ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Радевски: На сите ни е јасно дека црвените линии треба да бидат прецизно дефинирани, а тоа значи достојна валоризација на инженерскиот труд

М-р Кристинка Радевски - претседател на КОАОИ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

М-р Кристинка Радевски, e aрхитект со повеќе од 30 години континуирано работно искуство и активен ангажман во сите фази на професијата со магистерска диплома на тема „Менаџирање со човечки капитал“. Во работата на Комората на овластени архитекти и овластени инженери се вклучува од 2012 година и почнувајќи од јуни 2021 година е претседател на Комората на со мандат до 2025 година и со право на уште еден избор. Минатата година Комората прослави 15 години од своето формирање и се определи за партнерство и соработка со раличните струки и други правни субјекти.

-Комората на овластени архитекти и овластени инженери е професионална, струкова и независна организација која со јавно овластување, дадено согласно Законот за градење е единствена институција задолжена да издава овластувања за работа на архитектите и инженерите од сите останати инженерски професии. Комората прослави 15 години од своето постоење, период што не е краток за етаблирање на една институција, од една страна и имајќи ги во предвид условите на нашето општествено опкружување – сепак е значително млада институција, од друга страна. Денес со гордост можеме да констатираме дека минатата година прославивме постоење на една стабилна, унитарна, моќна и напредна Комора која од почетокот на оформувањето во континуитет го има инженерот во својот фокус и тоа инженерот со големо И. Комора е членка на сите регионални и меѓународни тела од областа на архитекрурата и инженерството и која во чекор ги следи актуелните случувања и секојдневно се справува со предизвиците во оваа област. Ова го изјави Кристинка Радевски, претседателка на КОАОИ во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

Комората обединува 12 професионални одделенија и е потребен принцип на работа што треба да ги почитува интересите на секоја струка членка на Комората, а истовремено треба да биде унитарна организација со еден заеднички интерес пред другите правни субјекти и институции или јавноста. Ова е предизвик за секое раководство и без поддршката од колегите тешко да се конституира заеднички став и тешко може да се реализира заедничка цел.

-12-те професионални одделенија да се усогласат во интересите не е едноставно или не е лесно, затоа што секоја струка има сопствени побарувања и потреби, а сите тие се неопходни рамноправно да опстојуваат во изработката на еден финален производ во градежништвото и сето тоа да биде во функција на граѓанинот. Сметам дека не е лесно, но и задоволството е огромно, затоа што резултатите се евидентни. Фактот што во нашата Комора, правото за стекнување со јавно овластување за работа во струката го имаат архитектите и инженерите од 12 професионални одделенија, веднаш укажува на еден сложен систем на функционирање. Од тука и произлегува состојбата во која секојдневно треба да се излезе во пресрет на потребите, барањата и очекувањата на сите професии вклучени во градбата, кои по природата на својата струка се слични, но сепак толку многу различни, а тоа воопшто не е едноставно. Моето вклучување во работата на Комората во 2012 година беше поттикнато токму од желбата да се придонесе во напорите на сите нас за подобрување на условите за работа во струката. Со Комората управува Управниот Одбор кој брои осум членови. Во Комората се препознати пет големи одделенија што даваат по еден претставник во Управниот одбор. Овие пет се постојани членови и еден ротационен член како претставник за сите помали одделенија и потпретседателот и претседателот на Комората Претседател и Потпретседател. Собранието го избира Претседателот на Комората кој воедно е и Претседател на Управниот Одбор,- изјави претседателка на Комората Радевски.

Постојат предизвици што претседателот на Комората и раководството ги поставува и треба да ги реализира во мандатот што им е доверен. Политиката на соработка во Комората дава резултати и покрај очигледно различните интереси на одделенијата, од една страна и сега треба да се постигне задоволување на интересите на Комората во интеракција други субјекти, како што се инвеститори, корисници и државни органи, од друга страна.

-Комората е формирана да ги штити интересите на архитектите и инженерите и другите нејзини членки како и и други субјекти што се дел и учествуваат во градежништвото како процес, односно општа јавност, корисник, инвеститор и државен орган. Комората се залага за подобрување на условите за работа во струката во државата, подигнување на дигнитетот на архитектите и инженерите, спречување на иселувањето на нашиот инженерски кадар особено на младите, подигнување на бројот на активни членови и враќање на довербата на нашите членови во Комората. Нашата главна определба во изминатите две години беше креирање акт што ќе го нормира и вреднува интелектуалниот труд на инженерите што има тенденција на опаѓање. Ценовникот за инженерски услуги во високо градбата. беше од највисок приоритет и најпосле во декември 2022 година во Службен весник на РСМ бр. 259 е објавен. Очекуваме дека со овој документ ќе се почитуваат црвените линии од сите страни вклучени во процесот на градење. На сите ние јасно дека црвените линии треба да бидат јасно и прецизно дефинирани, а тоа значи соодветна валоризација на инженерскиот труд. Потоа од соодветно валоризиран труд да очекуваме подобар и поквалитетен производ и доследна реализација на објектите и задоволен корисник. До крајот на годината се надевам дека ќе донесеме уште два ценовника и тоа за нискоградба и за гео-техника во високоградба,- потенцира Кристинка Радевски, претседателка на Комората на ОАОИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот