ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Тоновски: Од политичката волја нам ни зависи животот

Ѓорѓи Тоновски - професор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Образованието е една од областите преку која може да се видат многубројни процеси и појави во општеството. Образованието ја дава сликата за тоа какви се луѓето во меѓусебните односи, во односите на размената на трудот и каква може да биде иднината на една заедница. Лесно се прават споредби меѓу различни периоди на образование и споредби меѓу различни генерации. Констатацијата што се изведува најчесто е резултат на лична перцепција, а не врз податоци добиени од истражување и научни методи.

-Образованието е редовно предмет на интересирање во Македонија од причини што тоа претставува социјален феномен што е од големо значење за општествениот развој, од една страна и општествениот развој не може да се случи ако не го следи усовршувањето на самиот образовен процес, од друга страна. Постојано се нагласува дека образованието е во состојба на криза, дека неговите резултати не се според очекувањата на општеството, а не се исклучени и критички оцени дека образованието се наоѓа во состојба на аномија и наша среќа е дека не се наоѓа во агонија. Постојано се преземаат реформи на тој план и истовремено сметам дека ниеден проект што е започнат не е целосно заокружен и да завршил како што бил поставен и за тоа постојат повеќе причини. Ова го истакна во денешниот разговор за Слободна ТВ во емисијата „Утрински печат“ проф д-р Ѓорѓи Тоновски, научен работник на кого специјалност му се образовните процеси.

Во реформите што се преземени досега не сме ги завршиле, бидејќи сме се откажале на половина пат зашто не сме имале јасна претстава каде ќе стигнеме, а истовремено не сме се вратиле назад од каде што сме тргнале, зашто веќе сме оцениле дека таа состојба не е добра.

-Општеството и покрај оцената дека е значаен сегмент не му дава соодветен третман на образовниот процес, а тоа се гледа од односот на политика во образованието и начинот на неговото финансирање. Министерската позиција речиси секогаш е место за задоволување на нечии политички аспирации, а не се гледа стручноста и компетентноста на личноста што се предлага за една таква функција. Во образованието често се случуваат промени на кадри и нема континуитет што само по себе не обезбедува целосно завршување на однапред дефинираните политики. Тие кадри што го поставиле и што го започнале одреден проект по некое кратко време и пред да заврши се менуваат, додека новите што доаѓаат на нивно место не можат со таа динамика да го реализираат проектот од причина што не се упатени. Времето минува и проектот не се завршува. Македонија има министри што нема област за која не се разбираат или поинаку речено, се разбираат од неколку области и можат да променат неколку ресори како министри. Ваквите состојби придонесуваат главните актери – наставниот кадар и учениците да не веруваат во институциите што се задолжени за креирање услови во образованието. Тоа се одразува и има директно влијание врз квалитетот на наставата и врз односите што се креираат во образовните институции, истакна професор Тоновски.

Прашањето за вредностите од претходниот систем не треба да се идеализираат, а вредностите од овој систем не треба да се идеологизираат.

-Вредностите се категорија која е најмногу подложна на долгорочност и зацврстеност и тие претставуваат сложен систем во човековото однесување. Образованието е должно да работи врз социјализаторскиот дел, а тоа значи да посвети внимание на вредностите кај младите. Познато е дека човековото однесување е определено од изборот на вредностите и врз основа на нив се однесуваме спрема себе, спрема другите луѓе и спрема работата. Постарите генерации генерално се со вредности од претходниот систем со забелешка дека не се ни во позиција да ги менуваат тие вредности со новите од ова денешно време.

Хипер продукција на образовни институции и падот на квалитетот во образованието е појава која се случи во Македонија во последниве две децении.

-Како професор сум еден од првите деветмина професори што ги поставија темелите на приватното образование. Имавме шанса да направиме образование какво што го замислуваме и да би било најдоброто, според моделот на респектабилните универзитети од светот. Почнавме и верувавме во себе дека можеме да го направиме. Меѓутоа, општествениот амбиент, нашата околина започнува да ја гуши идејата и иницијативата и да се спротивставува на таквите тенденции и на крајот сме доведени во состојба сите да се прилагодуваме на доминантниот амбиент што егзистира. Приватното образование не ги исполни поставените очекувања и внесе некои други процеси и елементи во сегментот оценување. Последица на тоа е купувањето на дипломи за завршување факултет, магистратура и докторат и после тие кадри влегуваат во образованието, зашто има потреба од асистенти и професори. Сега често се наведува како податок дека во Македонија има 23 правни факултети што е навистина премногу. Во овој момент тврдам дека ниедна од тие институции како и државните факултети не располагаат со целосен состав и структура на кадарот како што бара законот и образовниот процес. Вистината е дека нема доволен број професори за предметите, потоа доволен број асистенти и има недостог на стручна литература. Ретко може да слушнеме дека факултетот испратил научен кадар на меѓународна стручна конференција, студиски престој специјализација или симпозиум за кој средствата ги покрива факултетот. Според мене нема стручна литература или списание каде што постојниот научен кадар ќе ги објавува своите стручни трудови. Затоа не може да зборуваме дека е направен исчекор на подобро во насока на подобрување на образовниот процес во Македонија – укажува професор Тоновски во своето излагање во „Утрински печат“.

Постои желба има и потреба за повразаност на образованието и стопанството, а нема практичен модел како да се реализира добиената дипломата од факултет за кратко време да биде заменета со работничка книшка, односно вработување и учество во процесот на производство.

-Стара болка која никако да ја излечиме. Немаме кадар што може брзо и лесно по дипломирањето веднаш да биде ангажиран во производството на добра и услуги. Ова прашање претходниот систем се обиде да го решава со таканарелената практична настава, а сегашниов нема ни обид во овој поглед. Меѓутоа, сакам да укажам да една друга многу посериозна негативна појава која е присутна во општеството, конкретно во одлучувањето, а тоа според мене го нарекувам институт на политичка волја. Оваа политичка волја никаде не е систематизирана, објаснета или легализирана и институционализирана, а постои. Од политичката волја нам ни зависи животот, а остите тие личности не се подготвени да предложат вистински приод кон реформата на образовниот процес. Иселени околу 600.000 лица, од кои голем дел се со факултетски дипломи и високопрофесионални работни места. Ова остава длабоки последици не само врз економијата туку и врз демографската структура на населението. Критериумот и изборот каде што ќе заминат овие граѓани е се базира на определбата – заминувам каде што постојат тие принципи, според кои сакам да живеам. Во овој контекст не изненадува определбата кај најголемиот број студенти дека имаат желба по дипломирање да ја напуштат земјата, вели професорот.

Целото интервју со професорот Ѓорѓи Тоновски погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот