ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Николовски: Правиме силна промоција на македонското вино за да биде препознаено

Љупчо Николовски - мин. за Земјоделство шумарство и водостопанство / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Искуството и праксата го учи земјоделецот дека секоја година во земјоделието е година на неизвесности, година на стравување, но и година на радост и прослави. Што ќе биде присутно не зависи само од трудот на земјоделецот и од природните услови, туку зависи и од политиката на државата што ја развива и спроведува во земјоделието надлежното министерство за земјоделие. Со политиката на министерството за земјоделие преку конкретните мерки што се преземаат се очекува земјоделците да ја препознаат својата можност и да започнат да работат, да инвестираат, да  произведуваат и да живеат од земјоделието како област.

-Директно на терен ги слушаме земјоделците и нивните предлози стануваат составен дел на политиката за развој на земјоделието. Нивните барања стануваат составен дел на програмите и политиката на министерството, како и на законите од областа на земјоделието. По средбите со земјоделците и нивните укажувања дојдовме до сознание дека Македонија во иминатите 15 години имаше популистички модел на субвенционирање на земјоделието што не ги даде очекуваните резултати, од една страна и заедно со земјоделците решивме дека треба да влеземе во една храбра реформа, од друга страна. Наша определба е политиката во земјоделието да ја градиме и развиваме со партнерство со земјоделците. Во овие два месеца нашите економско – социјални партнери, Федерација на фармери, Тиквешки семејни винарии, потоа меѓународните партнери и сите други работиме на терен секојдневно  за да ги информираме земјоделците за мерките што ги презедовме за да може земјоделието да се развива и земјоделците да ги користат. Оваа 2023 година ја нарековме „Година на нови можности“,  а тоа значи нов модел на субвенционирање за кој сакаме да ги информираме земјоделците и да го користат, потоа нови инвестициски можности за програмата за рурален развој. Барањето од лицата што исклучиво се земјоделци и што живеат од земјоделието побараа да бидат издвоени како категорија од сите други на кои земјоделието не им е основна или главна дејност и тоа нивно барање го прифативме и стана дел од програмите на министерството за земјоделие. Ова го истакна министерот за земјоделие Љупчо Николовски во денешното издание на „Утрински печат“ на Слободна ТВ каде што говореше за повеќе прашања за земјоделската политика.

Новите мерки за финансиска поддршка во 2023 година за поддршка на земјоделието опфаќа различни производствени области и многубројн земјоделци.

-Во споредба со претходниот период кога беа донесувани мерка по мерка во различни периоди, сега ги информираме земјоделците дека од први април до крајот на ноември има отворен повик за кофинансирање за тоа што ќе побараат дека им е потребно. Очекуваме со поддршка на наши советници во бизнис планот да напишат тоа што им е потребно и да поднесат барања. Поставивме јасни цели и информациите треба да бидат достапни за сите земјоделци за да се запознаат со отворените можности. Сега реализираме мерки од претходната програма од 2022 година, каде што има повеќе мерки и каде што добивме 2700 барања. Министерството склучи 103 договори за набавка на приплоден добиток, потоа 340 договори за системот „капка по капка“ и нашата цел е да поттикнеме и да создадеме услови за формирање 2000 мали фарми, и да дадеме поддршка на мали семејни бизниси – истакна министерот за земјоделие Љупчо Николовски.

Министерството поттикна повеќе субјекти да организираат саем за храна и пијалоци и други манифестации за промоција на производите на земјоделците. Истовремено беше забележано учеството на многубројни производители на вино на меѓународни саеми за вино, каде што македонското вино беше забележано и оценето како квалитено.

-Манифестациите што ги организираме се со цел да се промовираат малите производители на храна и пијалаци. Во минатата година повеќе од 250 производители на храна и пијалоци во партнерство со Slow Food и со други економско –социјални партнери ја организираа манифестацијата Прв Национален саен на храна преку кој граѓаните можеа да го видат целокупното производство на многубројни мали производители. Реакциите беа особено позитивни од производителите и од граѓаните од организирањето на овој саем и сакаме да биде традиционален. Сакаме сите што произведуваат да бидат регистрирани и сегашниот број е 500 производители и верувам дека може да биде поголем, истакна министерот Николовски

-Македонија е втора држава по Грција во регионот по производството на вино, односно сме на подобро место од државите од поранешна Југославија во однос на извоз на вино и достигна 60 милиони евра. Истовремено Македонија е на 29 место во светот по извозот на вино. Имаме причина да бидеме горди во поглед на извозот на вино во споредба со претходните децении. Имено, во структурата на извозот не доминира наливно вино, туку вино со етикета и вино како финален македонски производ. Само како илустрација колку е напредокот голем во оваа гранка, односно во минатата година се регистрирани 200 мали семејни винарии, а беа 30 големи винарии. Овие мали производители на вино, министерството со грант од 10 илјади евра за обезбедување опрема ги поддржа затоа што сакаме ова производство да се зголемува и да се претставиме со квалитетно вино пред домашните граѓани, странските туристи што ја посетуваат нашата држава и на странските пазари. Со измените во законот за вино поттикнавме создавање на 500 нови етикети на брендови на македонско вино – истакна министерот Николовски.

Министерството за земјоделие поддржува неколку манифестации за промоција на вино со учество на производители од Македонија во изминатиот период.

-Од 2018 година за неколку пати ја зголемивме техничката поддршка во делот на промоцијата на вино. Министерство донесе одлука да даде поддршка со покривање на трошоците за работата на штандовите за секоја наша винарија или партнер, за организирање на манифестација или за учество на саем на вино. Во мај Македонија ќе биде претставена со вино во Чикаго и правиме силна промоција на македонското вино за да биде препознаено. Се радувам што можеме на некои манифестации да ја презентираме и нашата автохтона сорта „Станушина“ и „Вранец“ и се радувам ако ги зголемиме површините со оваа сорта. Меѓутоа, ова производство е условено од преговорите за нашето членство во Европската Унија.

Целиот разговор со министерот Љупчо Николовски погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот