
ВИДЕО | Фасцинантно! Создадена техника за реставрирање оштетени уметнички дела со вештачка интелигенција за само неколку часа
Научниците откриваат дека техника, која со помош на вештачка интелигенција, врши реставрација побрзо и со значително пониски трошоци, би можела да се користи за слики кои не се доволно вредни за традиционалниот пристап на поправка, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Времето остава трага на сликите масло на платно, бидејќи абењето и природното стареење создаваат пукнатини, промена на бојата и дамки каде што се лупеле парчиња пигмент.
На конзерваторите порано им требаа години за прецизни поправки, па затоа трудот е резервиран за највредните дела, но нов пристап би можел да го трансформира процесот на реставрација на стари уметнички дела во работа од неколку часа.
Новата техника користи вештачка интелигенција и други компјутерски алатки за да создаде дигитална реконструкција на оштетената слика. Потоа се печати на транспарентен полимерен лист кој внимателно се поставува врз оригиналниот дел.

За да ја демонстрира техниката, Алекс Качкин, постдипломски истражувач на Масачусетскиот институт за технологија (МИТ), реставрирал оштетено дело – масло на платно кое му се припишува на непознат холандски сликар кој е запишан во историјата на уметноста како автор на „Обожавање на мудреците“, слика од крајот на 15 век според Мартин Шонгауер.
Сликата е исклучително детална, но видливо поделена на четири дела, покриена со фини пукнатини и прошарана со илјадници ситни точки каде што бојата паднала.
„Оштетувањата се најчести во деловите од сликата со сложени детали. Вековите деградација оставиле свој белег“, рекол Качкин, кој процени дека ќе бидат потребни околу 200 часа за да се обнови сликата со употреба на традиционални техники на конзервација.
Качкин го започнал процесот на обнова на делото со скенирање на сликата за да се утврди големината, обликот и положбата на оштетените области. Утврдено е дека има 5.612 одделни делови на кои им е потребна интервенција.
Потоа е направена дигитална „маска“ во Фотошоп. За да се врати бојата таму каде што недостасува, се додаваат точки, а нијансите се хармонизираат со околните пигменти. Оштетувањето на шарите е коригирано со копирање слични шари од други места на сликата. Лицето на бебето е копирано од друго дело од истиот уметник.
Откако е завршена, дигиталната маска е отпечатена на полимерна фолија, потоа лакирана за да се спречи истекување на бојата и конечно е поставена врз сликата.

Вкупно 57.314 бои беа употребени за да се пополни штетата на уметничкото дело. Корекциите се дизајнирани да ја подобрат сликата, дури и ако не се совршено порамнети.
Гледајќи го резултатот, Качкин беше воодушевен: „Следеа години труд за да се добие метод што функционира. Се чувствувавме олеснети што овој метод конечно успеа да ги реконструира и поврзе деловите од сликата што преживеале до ден-денес.“
Пристапот, опишан во професионалното списание „Нејчр“ (Nature), може да се користи само на слики што се доволно мазни за да може фолијата да се постави рамно врз нив. Дигиталната маска може да се излупи или отстрани со помош на растворувачи за конзервација и нема да остави никакви траги на оригиналното уметничко дело.
Качкин се надева дека оваа алатка базирана на вештачка интелигенција ќе им овозможи на галериите да реставрираат и изложат многу оштетени слики што не се сметаат за доволно вредни за да се инвестира напорот и парите потребни за традиционална реставрација.
Сепак, Алекс Качкин признава дека постојат етички прашања што треба да се земат предвид. Некои од нив размислуваат дали е прифатливо да се стави тенок филм врз сликата, дали тоа ќе го отежни набљудувањето на делото и дали одредени корекции, како што се копираните делови, се соодветни.
Во придружната статија, професорот Хартмут Куке од Музејот за културна историја на Универзитетот во Осло истакна дека овој пристап овозможува побрзо и поевтино враќање на оштетените слики отколку што било можно со конвенционалните техники.
„Методот веројатно ќе биде најзгоден за примена во случај на слики со релативно ниска вредност кои инаку би биле поставени зад затворени врати, а можеби и не се соодветни за познати, вредни уметнички дела. Сепак, тоа би можело да ја прошири достапноста на уметноста, изнесувајќи ги оштетените слики од складиштето до нова публика“, заклучил професорот Куке.