ВИДЕО | Џијан Емин: Поддршката на иницијативата за формирање на Национален џез оркестар од страна на Владата е од историско значење

Џијан Емин/Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Пред неколку недели беше донесена одлуката на Владата на РС Македонија за официјализирање на „Оркестарот за џез музика“ во Македонија, одлука која ја поздрави и срдечно ѝ се израдува целата јавност. Владата донесе одлука и за времено, просторно сместување на Националниот оркестар за џез музика на Македонија во зградата на Филхармонија. Но, со оваа одлука не се сложуваат вработените во Филхармонија, што беше причина за несогласувања помеѓу двете засегнати страни во случајот.

По овој повод во „Утрински печат“ зборувавме со матичниот диригнет на ЗЏМ Биг бенд, Џијан Емин, претседателот на Здружението, Гоце Стефковски и со Сашко Николовски, член на ЗЏМ Биг бенд.

„Вработените колеги во оркестарот на Филхармонија ја поздравуваат оваа одлука на Владата, меѓутоа не е јасна избрзаната реакција на 108 вработени кои потпишале петиција за менување на одлуката. Ние преку нашите соопштенија се потрудивме да кажеме дека во овој момент не знаеме ништо повеќе од тоа што го пишува во одлуката на Министерството за култура. Не треба да оставиме простор за паушални изјави и заклучоци од страна на нашите колеги од Филхармонија, дека некој ќе дојде да им земе нешто како гримиорните, студијата или концертните сали. Најголем процент од нашите концерти до сега ги работевме во зградата на Филхармонија, и наидовме на прекрасна соработка, на одредени проекти сме работеле и заедно. Не сме имале забелешки од нивна страна до сега, така што ако во иднина се случи да бидеме сместени таму, сметам дека не би требало да има никаков проблем“, вели Стефковски.

Гоце Стефковски/Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

За членовите на ЗЏМ поддршката на иницијативата за формирање на Национален џез оркестар од страна на Владата е од историско значење, тие конечно ќе имаат програма која ќе можат да ја реализираат без никакви сериозни пречки.

„Ние ја поздравуваме одлуката на Минстерството за култура и Владата, затоа што го препозна нашиот труд и нашата желба и ентузијазам и сме пресреќни што ова се случи. За нас во иднина тоа значи дека ние имаме сериозна задача пред самите себе, пред сите колеги, пред целокупата јавност, па јас би рекол и пред универзумот, бидејќи ни е пружена шанса конечно да можеме со одврзани раце, да го правиме тоа што го сакаме на најдобар можен начин. Тоа значи започнување на една нова платформа, со која започнуваме нова музичка македонска приказна, за која што сум убеден дека целиот свет ќе има прилика да ја види и да ја запознае“, вели Џијан за новиот Национален џез оркестар.

Џијан Емин/Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

„Аргументите од вработените во Филхармонија се плитки, се спомнуваат гримиорните, просториите за вежбање, кои ќе биле узурпирани. Но, не биле до сега, па нема да бидат ни во иднина. Филхармониската сала е искористена 3 до 4 дена во месецот за концертна дејност, другите 26 дена е слободна, така што ние би концертирале 3-4 пати во месецот, во зависност од програмата. Нивните синдикални барања се неосновани, за да ние не би можеле да пристапиме кон реализација на оваа идеја. Така што многу е важно да не се забави овој процес, да не се оди во недоглед со одложување, туку да се започне, со тоа што нашата активност во просторот би била многу скромна“, објасни Сашко Николовски.

Сашко Николовски
Сашко Николовски/Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Повеќе од разговорот со членовите на ЗЏМ Биг бендот во продолжение на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот