
ВИДЕО: Денвер поведе против Лејкерс во финалето на Западот, Јокиќ блескаше со „трипл-дабл“
Кошаркарите на Денвер поведоа со 1:0 во финалето на Западната конференција на НБА лигата, откако го совладаа Лос Анџелес лејкерс со 132:126.
Препорачано
Денвер веќе имаше двоцифрена предност на половина од првата четвртина, која продолжи да ја зголемува до максимални „плус 21“ во третиот период.
Лејкерси не се предаваа и со тројката на Остин Ривс на три минути и 23 секунди до крајот на мечот стигнаа до само „минус три“ (124:121). Гостите заостанаа три поени во последната минута од средбата, откако Леброн Џејмс погоди слободно фрлање, а потоа српскиот центар Никола Јокиќ постигна три поени од линијата за слободни фрлања за поставување на конечниот епилог.
Јокиќ во победата на Нагетси го забележа шестиот „трипл-дабл“ во овосезонскиот плеј-оф со 34 поени, 21 скок и 14 асистенции, а забележа и две блокади. Српскиот кошаркар шутираше 12/17 од поле, додека немаше промашувања од далечина (3/3).
Ентони Дејвис беше најефикасен кај „езерџиите“ со 40 поени, воедно запиша и 10 скока, додека на Џејмс му недостасуваше една асистенција за „трипл-дабл“ учинок (26 поени, 12 скока и девет асистенции).
Со вкупно 258 постигнати поени, ова беше најефикасниот натпревар во конференциско финале кој заврши во регуларното време од 1987 година кога Детроит го победи Бостон со 145:119. Вториот дуел ќе се игра во Денвер ноќта меѓу четврток и петок од 02.30 часот по македонско време. Плеј-оф серијата се игра на четири победи.