ВИДЕО | Белчева: Во Центар никој нема мнозинство, ќе се слуша гласот на Независните

Јана Белчева, Шанса за Центар / Утрински брифинг

Јана Белчева од „Шанса за Центар“ за „Утрински брифинг“ оценува дека овие локални избори се одбележаа со голем број независни листи, што можеби се должи на незадоволството на граѓаните од политичките партии и нивното практикување на власта на локално ниво. „Шанса за Центар“ освои три советника, но прашање е дали може да се постигне нешто со тоа.

– Ова што се случи со изборните резултати покажа дека одлуките на советите не баш ги следеле барањата на граѓаните. Граѓаните сфатија дека вонинституционалната борба не е доволна. Затоа и директно се вклучија во изборите, вели Белчева за „Утрински брифинг“.

Белчева вели дека сега клучна работа на сите независни во сите општини ќе биде одлуките на Советот да ги направат транспарентни, да се знае дали секоја одлука на советот има влијание врз квалитетот на живот на граѓаните или пак е наменета за профит на помали групи.

– Во скоро сите независни листи се луѓе кои имаат своја професија, тоа не се само активисти. Тие си ја знаат работата. Се вклучуваат во општините за да дадат, а не за да земат, додава таа.

Како може да се блокираат штетните одлуки поради кои протестираа граѓаните и да се спречи таквата ситуација да се повторува и во новиот состав?

– Во општина Центар никој нема мнозинство, ние одлучуваме. Но, нема да коалицираме. Нас нѐ интересира колку некој предлог е квалитетен за да го поддржиме. Градоначалникот е извршител на одлуките на Советот, иако градоначалниците на митинзите се глорифицираат. Тој само го спроведува она за што ќе добие „пас“ од Советот кој треба да работи во интерес на граѓаните. Сега ќе бараме образложени одлуки и дали парите ќе се потрошат за да има резултат за граѓаните и за тоа да се направат анализи пред и потоа. Политичките партии се надевам ја примија пораката. Ако ја примиле, треба да знаат дека игнорирањето на граѓанските иницијативи не би смееле да си дозволат да го продолжат, вели Јана Белчева.

Белчева ја прашавме и за транспарентноста на општинските органи оти таа го знае работите однатре бидејќи беше во Советот на град Скопје во претходниот состав.

-Не можам да кажам дека сè се крие. Има сериозен исчекор во урбанистичките планови и сето тоа е објавено на веб-страницата. Но, тие документи треба да бидат и јасни за граѓаните, а не само да се објават. Сега е битно да има и транспарентност и разбирливост на објавеното за обичниот граѓанин. Форматот е многу битен. Она што го има на централно ниво за отворени финансии сакаме да се спроведе и на локално ниво, па граѓаните да имаат секојдневен увид во финансиите, вели Белчева.

– Имавме сериозни проблеми во претходниот состав. На пример, имаше урбанистички планови кои беа незаконити, но не добивме политичка волја да се спроведе законот. Лошите одлуки не се случајни. Закони имаме, ама треба да почнат да се применуваат, ги коментира Белчева претходните искуства.

Според неа, излезноста на овие локални избори е многу мала. Половина од граѓаните во државата останаа рамнодушни за локалните политики и оставија друг да го направи изборот. Правото на глас треба да се искористи. Резултатите се шаренолики, а анализите секој ќе ги направи за себе, коментира Белчева.

За тоа дали успехот на независните е казнување на големите партии Белчева го коментира со споредбата дека СДСМ на минатите избори во Центар имаше 16, а сега има 9 советници што значи дека не водела добра политика.

– За нас изборите завршија со првиот круг. Граѓаните кажаа што мислат и немаме намера да влијаеме како да гласаат во вториот круг, порачува Јана Белчева од „Шанса за Центар“ за тоа дали граѓанската група ќе поддржи некоја страна во вториот круг од локалните избори.

Целиот разговор проследете го во видеото во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот