ВИДЕО | Андоновиќ: Нетанјаху го отфрли мировниот предлог на Хамас, верува дека Израел е на чекор до победа

Анализа на Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат

Предлогот на Хамас предвидува прекин на огнот во три фази, секоја во траење од 45 дена, во текот на која би имало нова размена на преостанатите заложници кои ги држи оваа терористичка организација во Појасот Газа и палестинските затвореници, со цел борбите, кои се сè уште траат во енклавите, по нешто повеќе од четири месеци, конечно да запрат.

Предлогот на Хамас вклучува обновување на палестинската енклава, целосно повлекување на израелските сили од Појасот Газа, како и размена на телата на загинатите во овие судири.

Во предлогот на Хамас за прекин на огнот, до кој агенцијата „Ројтерс“ наводно имала увид, се наведува дека во првата фаза е опфатено ослободување на сите израелски заложнички, мажи под 19 години, стари и болни лица во замена за ослободување на палестинските жени и деца од израелските затвори.

Останатите киднапирани мажи, според овој план, би биле ослободени во втората фаза, додека размената на телата на починатите би требало да биде реализирано во третата фаза на понудениот план.

Хамас очекува и дека до крајот на последната рунда на примирјето, односно по пауза од 135 дена, завојуваните страни би постигнале договор за завршување на војната.

За време на примирјето Хамас, исто така, бара ослободување на 1.500 затвореници кои се наоѓаат во израелските затвори, од кои една третина сака да избере од списокот на Палестинци кои отслужуваат доживотна казна. Затишјето во непријателствата, исто така, би го зголемило снабдувањето со храна и друга хуманитарна помош за палестинските цивили во Газа кои се соочуваат со глад и недостиг од основните животни потреби. Тој план би вклучувал до 500 камиони кои дневно влегуваат во енклавата.

Со овој предлог, оваа палестинската група одговори на меѓународната понуда за примирје, која минатата недела и беше пренесена од катарските и египетските посредници, со поддршка на САД и Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху експресно ја отфрли понудата на Хамас за прекин на огнот.

Тој изјави дека Израел се наоѓа на чекор кон целосната победа во Газа и дека еврејската држава е на пат кон „решавачка“ победа против терористите, во наредните месеци.

Нетанјаху го повтори своето ветување дека ќе го уништи исламистичкото движење, велејќи дека нема друга алтернатива за Израел освен да предизвика колапс на Хамас. „Денот потоа е ден по Хамас. Цел Хамас“, рече тој на прес-конференција.

Тој рече дека израелските одбранбени сили (ИДФ) работат систематски и ќе ги постигнат сите цели на војната: ослободување на сите заложници и елиминација на Хамас.

„Ако Хамас преживее во Газа, прашање на денови е кога ќе има нов масакр“, рече Нетанјаху. Тој додаде дека му рекол на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Израел ќе се погрижи Појасот Газа да биде трајно демилитаризиран по уништувањето на Хамас.

Изјавите на израелскиот премиер покажуваат дека тој има намера да го продолжи конфликтот на Блискиот Исток, изјави за Ројтерс високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри.

„Движењето (Хамас) е подготвено да се справи со сите опции“, рече тој.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера пристигна во Израел, а зад затворени врати во Ерусалим се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да разговара за ситуацијата во Газа, како и со други високи функционери. Кабинетот на Нетанјаху не објави детали за состанокот освен дека средбата била „долга и длабинска“.

– Има многу работа што треба да се направи за да се постигне договор кој би овозможил ослободување на заложниците во Газа. Но, ние сме многу фокусирани на таа работа и се надеваме дека ќе успееме да ги ослободиме заложниците. САД и Израел интензивно го набљудуваат предлогот на Хамас за примирје – изјави Блинкен по средбата со израелскиот претседател Исак Херцог, кој коментираше дека посетата на американскиот државен секретар доаѓа во многу критично време.

Во целиот овој конфликт вклучена е и Русија. Барем така тврди рускиот претседател Владимир Путин кој на лидерите на еврејската заедница во Русија им рекол дека Москва постигнала „конкретни резултати“ во дипломатските напори за ослободување на заложниците во Газа, пренесоа руските новински агенции.

Путин како што наведуваат истите извори ги информирал дека Русија ги искористила своите контакти со политичкото крило на Хамас.

Израел и Хамас досега успеаја да договорат само еднонеделен прекин на огнот во ноември минатата година. За време на таа пауза беа ослободени околу 100 заложници во замена за 240 палестински затвореници. Според последните податоци на палестинското Министерство за здравство, во израелските напади врз Појасот Газа загинале 27.708 Палестинци, додека 67.147 биле ранети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот