
ВИДЕО | Актерка создадена со вештачка интелигенција го привлекува вниманието на ловците на таленти: „Сакаме таа да биде следната Скарлет Јохансон“
Актерката создадена со вештачка интелигенција Тили Норвуд го привлече вниманието на неколку агенти за таленти, изјави актерката, комичарка и продуцентка Елин Ван дер Велден на панел-дискусијата на еден од самитите на Филмскиот фестивал во Цирих, пишува „Варајати“.
Препорачано
Тили Норвуд е првата креација што произлезе од неодамна отвореното студио за таленти за вештачка интелигенција „Ксикоја“, филијала на компанијата за продукција на вештачка интелигенција „Партикл6“ на Ван дер Велден.
View this post on Instagram
Ван дер Велден рече дека студијата тивко работат на проекти за вештачка интелигенција и дека се очекуваат нови најави во наредните месеци.
Остри реакции на „договорот“ за актерката со вештачка интелигенција
Сепак, иако очекуваше пофалби за иновацијата, тоа не се случи. По негативните реакции околу идејата дека актерка со вештачка интелигенција би можела да ја замени вистинската, нејзината креаторка објави соопштение.
View this post on Instagram
„До оние кои изразија негодување поради создавањето на мојот лик со вештачка интелигенција, Тили Норвуд – таа не е замена за човек, туку креативно дело – уметничко дело. Како и многу уметнички форми пред неа, таа започнува разговор, а тоа само по себе ја покажува моќта на креативноста“, напиша Ван дер Велден во соопштение објавено до „Дедлајн“ (Deadline) и на социјалните медиуми.
„Сакаме Тили да биде следната Скарлет Јохансон или Натали Портман, тоа е целта на она што го правиме“, изјави Ван дер Велден за „Бродкаст Интернешнл“ , додавајќи дека економските проблеми го насочуваат филмскиот и телевизискиот бизнис кон продукција со вештачка интелигенција.
Актерките Мелиса Барера, Кирсли Клемонс и Тони Колет се меѓу многуте уметници кои го изразија своето незадоволство од овој развој на настаните на социјалните мрежи, а некои дури и повикаа на бојкот на агенциите кои работат со таленти од вештачка интелигенција.
Ван дер Велден во изјава нагласи дека ликовите од вештачката интелигенција не треба директно да се споредуваат со човечки актери:
„Ликовите од вештачка интелигенција треба да се гледаат како дел од посебен жанр, според свои услови… Секоја уметничка форма има свое место и секоја може да се цени поради она што го носи уникатно“, напиша таа.
Таа додаде:
„Се надевам дека можеме да ја прифатиме вештачката интелигенција како дел од поширокото уметничко семејство… Не ја гледам вештачката интелигенција како замена за луѓето, туку како нова алатка, нова четка за сликање. Јас самата сум актерка и ништо – особено не лик од вештачка интелигенција – не може да ја намали вештината и радоста од човековата глума.“