Венецуела изгласаа грабање на две третини од територијата на соседна Гвајана

Карта на „велика“ Венецуела на предреферендумските митинзи во Каракас - Фотографија ЕПА, Мигел Гутјерез

Иако е една од најретко населените територии во светот, регионот Есекибо е богат со руди, а во крајбрежните атлантски води „Ексон мобил“ во 2015 години откри и нафтени резерви во количества што би оправдале инвестиција за експлоатирање

Венецуелските сили веќе градат воздухопловна база како „логистичка поддршка“ за присвојување на регионот Есекибо од соседна Гвајана, откако огромно мнозинство граѓани на референдум изгласаа проширување на суверенитетот врз спорната гранична територија богата со нафта и руди.

Со 160.000 квадратни километри, Есекибо е шест пати поголем од Македонија и сочинува две третини од површината на Гвајана. Министерството за одбрана на оваа земја на брегот на Атлантикот нареди „интензивирани активности“ и го засили военото присуство во спорната територија.

– Есекибо е наш, до последната педа, и ќе го браниме – изјави гвајанскиот претседател Ирван Али.

Тој им порача на 800-те илјади жители да не се плашат од инвазија „ни сега ни во следните часови, денови или месеци“.

– Ја советувам Венецуела дека ова е можност да покаже зрелост и одговорност – додаде Али.

Уште пред отворањето на гласачките места, Меѓународниот суд на правдата ги предупреди властите во Каракас да не преземаат никакви акции што би го загрозиле гвајанскиот суверенитет врз Есекибо.

Националната изборна комисија на Венецуела прексиноќа соопшти дека над 10 милиони граѓани, односно 95 отсто од оние што излегле на референдумот, се изјасниле за проширување на суверенитетот, за давање венецуелско државјанство на жителите на Есекибо и за отфрлање на надлежноста на Обединетите нации при решавањето на територијалниот интегритет со соседната земја.

– Ова беше голем успех за нашата земја и за нашата демократија – изјави Мадуро по објавувањето на првичните резултати.

Нафта и руди

Иако е една од најретко населените територии во светот, Есекибо е богат со руди, а во крајбрежните атлантски води „Ексон мобил“ во 2015 години откри и нафтени резерви во количества што би оправдале инвестиција за експлоатирање. Во изминатите неколку години жители од Бразил и од Венецуела заминале во Гвајана поради високите плати што се нудат во нелегалните рудници.

Порт Каитума во Есекибо веќе е преполн со сиромашни емигранти од Венецуела – Фотографија Profimedia

Луѓето што живеат во Есекибо зборуваат англиски, културно се идентификуваат како Гвајанци и сакаат да останат дел од Гвајана. Многумина велат дека уживаат во спокојството на природата, но и од плодовите на нафтениот бум.

– Ова е наша земја. Гвајанците ќе се кренат и ќе се борат, зошто оваа земја е натопена со нашата пот – изјавил за „Њујорк тајмс“ Боб Махадео, фотограф од Есекибо.

Венецуела ја смета оваа територија за своја, наспроти одлуката за разграничување од британско-американско-руската арбитражна комисија од 1899 година, која ѝ го додели Есекибо на тогашната британска колонија Гвајана. Венецуела во тоа време немала дипломатски односи со Обединетото Кралство, па нејзините интереси биле застапувани од САД. По двајца арбитри од Британија и од САД и еден од Русија со надгласување решиле 94 отсто од Есекибо да ѝ припадне на Британска Гвајана, а Венецуела го добила само устието на реката Ориноко.

Венецуела тогаш се жалела, но ја почитувала одлуката сѐ до 1958 година, кога Гвајана го поделила Есекибо на поситни административни региони. Во 1962 година Венецуела ја обжалила одлуката од 1899 година, охрабрена од сведоштвото на американски арбитер дека одлуката всушност била политички договор на Британија и Русија. Прашањето повторно било „замрзнато“ во 1966 година, кога Гвајана прогласи независност. Тогаш владите на Обединетото Кралство, Британска Гвајана и Венецуела го потпишале Женевскиот договор, со кој е утврдено за секој спор да арбитрираат Обединетите нации.

Предизборна кампања

Не е објаснето како Венецуела би настапила за да ја спроведе волјата на мнозинството граѓани изразена на референдумот. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро со недели интензивно го промовираше референдумот како „патриотска должност“ и го изедначуваше со „изразување доверба во актуелната власт“. Тој ги ангажираше сите владини капацитети – националната телевизија постојано прикажувала „лекции од историјата“, радијата пуштале патриотски песни, а биле организирани и масовни собири.

Весникот „Њујорк тајмс“ пишува дека целта на патриотската офанзива била да се пренасочи вниманието на јавноста од длабоката економска и социјална криза во земјата пред да го загрози авторитетот на Мадуро.

Оспорени се и резултатите од референдумот. Репортери на Асошиетед прес објавија дека воопшто немало колони пред гласачките места како во октомври кога опозицијата гласала за претседателски кандидат, а завчера наводно гласале четири пати повеќе луѓе.

– На Мадуро му е потребно да се завитка во националното знаме заради претстојните избори. Се разбира дека територијалниот спор со сосед е перфектно оправдание за такво нешто – оцени Фил Гансон, аналитичар од Меѓународната кризна група.

По патеката на Фолкландската војна

Тој смета дека Мадуро е вознемирен од масовниот одѕив на изборот на опозициски претседателски кандидат во октомври, па настојува да ја мобилизира и сопствената гласачка база. Одѕивот на референдумот бил разочарувачки за Мадуро, иако јавните службеници добиле директива да гласаат, а резултатите биле надуени.

– Со ваков реален одѕив, мали се шансите претседателските избори в година да бидат макар и делумно слободни и фер. На граѓаните им се потребни практични решенија за нивните секојдневни проблеми, храна, лекови, образование, болници и патишта. Мавтањето со знамиња нема да им сервира храна на трпезата – смета Гансон.

Се стравува дека ако Мадуро почувствува дека на изборите може да му биде загрозена позицијата, тој би можел да тргне во воена авантура во Гвајана, за што референдумот му дава основа.

Многумина ја споредуваат актуелната ситуација на Мадуро со онаа на поранешниот аргентински лидер Леополдо Галтиери, кој по падот на рејтингот во 1982 година ја нареди воената инвазија врз Фолкландските Острови. Аргентина ја изгуби војната со Британија, поради што Галтиери беше соборен од власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот