Велика Британија не му кажувала на Јавното обвинителство дали сертификатите по англиски на кандидатите за обвинители се фалсификувани?!

Кога во 2017 година Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ на седница го поништи јавниот оглас за прием на 60 идни јавни обвинители кои што се пријавиле да слушаат почетна обука, причината за поништувањето беше во тоа што до Академијата стигнала анонимна пријава дека 41 од овие 60 лица доставиле фалсификувани сертификати за англиски што ги добиле во Бугарија и во Албанија. Основното јавно обвинителство покрена истрага за фалсификување исправа, ама работата не стигна до обвинение. Предметот како што потврдија од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ е затворен уште во 2023 година со решение за отфрлање на пријавите против 41 пријавено лице.

Надлежниот јавен обвинител донел решение за отфрлање на кривичните пријави против 41 пријавено лице, бидејќи, како што велат од Обвинителството по сите преземени дејствија се утврдило дека кај дел од пријавените не се содржани законските обележја на кривичното дело „фалсификување исправа“. За другиот дел, како што пишува во одговорот од Обвинителството на нашите прашања, не постоел јасен доказ од кој би можело да се заклучи дека пријавените го сториле кривичното дело.

Имено, за дел од лицата се утврди дека тие физички полагале во испитен центар во Тирана, Република Албанија за кој во времето на полагањето и на добивањето на сертификатот, а и на неговата употреба, погрешно сметале дека е испитен центар кој претставува овластен тестатор за испитот БУЛАТС. Освен тоа, во текот на оваа постапка воопшто не се ни докажа постоењето или непостоењето на овластеност за спроведување на испитот БУЛАТС на страната на испитниот центар во Тирана, Република Албанија, затоа што за тоа и по повеќе ургенции надлежниот јавен обвинител не доби одговор на барањата за меѓународна правна помош од Велика Британија. Воедно, изостана одговорот и во поглед на веродостојноста и автентичноста на сертификатите кои ги употребиле пријавените лица во конкретниот случај, велат од Обвинителството.

За Обвинителството овој кривично-правен настан е без штетни последици од причина што јавниот оглас за прием на 60 слушатели на почетна обука за кандидати за јавни обвинители е поништен со одлука од 11.12.2017 година донесена од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

-Поради тоа Обвинителството не идентификува ни оштетени лица во постапката, затоа што такви не постојат, се додава во одговорот од Обвинителството.

Судската архива сведочи дека еден од кандидатите повел управна постапка против Академијата, затоа што го поништила огласот. Тој најверојатно не бил во осомничените за фалсификување исправа ама ја загубил шансата таа година да конкурира. Судот му ја одбил тужбата како неоснована.

За разлика од овој случај, во случајот со две директорки, едната на основно училиште и другата на болницата во Дебар, проверливо било дали сертификатите им се лажни и тоа со едноставно пишување мејл порака до центарот за тестирање во Америка. Тие двете се осудени со признание на вина дека со лажен сертификат ТОЕФЛ издаден од непостоечкото јазично студио „Јулија Цо. ЛТД“ станале директорки.  За разлика од нив, за кандидатите за обвинители, обвинителството тврди дека немале соработка од Британија во утврдувањето на валидноста на сертификатите. Во меѓувреме власта работи на постепено укинување на сертификатите за познавање англиски јазик со менување на законите за некои избрани и именувани функции, откако стана јасно дека на многумина им се фалсификувани и дека тоа се толерира на големо во целата држава.

Наместо функционерите кои не знаат англиски, власта ќе ги „збрише“ ТОЕФЛ сертификатите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот