Увезената инфлација со увезените производи „го изгоре“ македонскиот џеб

Круши грозје цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

На пазарите и низ маркетите се помалку може да се забележат македонски производи.Тоа што некогаш важело за македонски бренд, тетовската јаболка, тетовскиот грав, доматот – јабучар, ретко може да се најде на тезгите.

Сега наместо тетовски производи, низ пазарите се продава зеленчук и овошје претежно од Турција и Албанија.

Но и низ рафтовите во маркетите е слична состојбата.

Производите од земјите од поранешна Југославија се повеќе преовладуваат.

Универзитетската професорка по економија Шенај Хаџимустафа, вели дека со увезената инфлација секоја држава многу потешко се справува, во услови кога имаме се помалку домашно производство.

„Веќе доцниме, но крајно време е да се преземат сериозни чекори, за зголемување на енергетските капацитети оти при секоја криза, увезената струја, ја влошува домашната економија. Но, состојбата со високите цени може да се ублажи ако имате дома доволно домашни суровини кои што се со пониски трошоци и на тој начин цените во земјата би биле пониски. Затоа и дел од нашите соседи имаат поблаг удар од инфлацијата оти располагаат со доволно домашни ресурси или домашно производство на тие основни суровини, кои спречуваат поголем шок. Ние имаме една ситуација која е лоша, да немате или пак да имате многу мал раст на бруто домашниот производ, да создавате помалку од тоа што сте создавале минатата година, а во услови на висока инфлација која е предизвикана не од потрошувачите, туку е увезена и во ваква ситуација кога имате намалена стопанска активност, вие имате повисоки цени самиот квалитет на живот е многу намален. На Владата во ваква лоша состојба и се врзани рацете оти ако премногу реагира и интервенира во економијата ќе ја загрее уште повеќе инфлацијата“, вели Универзитетската професорка Хаџимустафа.

Таа додава дека државата мора да започне со подготовка на квалитетна стратегија, за создавање на производи и услуги

„Мислам дека е веќе крајно време ние како земја повеќе да се подзамислиме од искуството кое што го имавме и во текот на Ковид – кризата, да почнеме да подготвуваме и реализираме квалитетни стратегии, особено во делот на создавање на производство и услуги кои што ние ги имаме дома. Значи не да увезуваме земјоделски производи кога нивите ни стојат празни, туку да реагираме на терен, за да најмалку на среден род имаме одржливо производство, а со тоа и индустриското производство да ни се зголеми.Исто е и во делот на електричната енергија. Ние мора посериозно да размислуваме и во таа насока“, вели Хаџимустафа.

Мерките кои ги презема Владата даваат ефекти, но, ти се на краток рок. Но, при секоја владина интервенција, освен на крајните потрошувачи мора да се внимава и на бизнис секторот, додава професорката Хаџимустафа.

„Многу е важно да се внимава, од една страна се потрошувачите, но од друга страна е бизнис заедницата. Самата држава треба и двете групи да ги има во предвид кога интервенира оти ако премногу ги штити потрошувачите ќе создаде демотивирање на компаниите и нивна намалена продуктивност, а тие се важни оти тие ги ангажираат луѓето, тие се фактори на производство. Ако вие им ја намалите нивната работа, тие помалку ќе создаваат и ете ви намален БДП. Државата треба да помага во секој случај и помага, но факт е дека некои мерки дојдоа позадоцнето, но навистина е тешко да се знае на која страна да се реагира, имајќи ја предвид задолженоста. А тоа што е најлошо е што не знаеме колку ќе трае, оти ова е наметнато од страна“, вели професорката Хаџимустафа.

Внимание дополнува професорката, треба да се посвети и на задржување на младите професионални кадри, кои се повеќе заминуваат од државата, а без човечкиот капитал, никогаш нема да можеме економски да се опоравиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот