Уште еден вонреден инспекциски надзор во Битолската болница за смртта на 24 годишното момче

Клиничка болница Битола / Фото Слободен печат / Васка М.Младеновска

По вонредниот инспекциски надзор во Клиничката болница Битола, во јавноста повторно се јавија низа шпекулации околу причината за смртта на 24 годишното момче од Битола кое почина во болницата откако беше примен со висока температура и трески.

На прашањето на новинарите што има вистина во тоа, директорката на болницата д-р Елизабета Ивановска изјави:

-Вонредниот инспекциски надзор не е завршен. Денеска ќе има уште еден вонреден инспекциски надзор, затоа во оваа прилика ништо не можам да кажам, додека тоа не заврши. Сето тоа судскиот медицинар ќе си го достави на писмено до обвинителството. Еднаш кажав, дадов информации и тоа е тоа. Јас не отстапувам од тоа. Иако не сакам да прејудицирам и шпекулирам, од тоа што јас го знам и според мене нема недостатоци во лекувањето-изјави директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Елизабета Ивановска.

Инаку, доктор Нико Беќаровски на Фејсбук објави порака за која вели дека му пристигнала нему лично, а е поврзана со смртта на 24-годишното момче кое почина во Битолската болница.

Пораката, пишува Беќаровски, ја објаснува причината за сепсата и подоцнежниот развој на иреверзибилната дисеминирана интраваскуларна коагулација. Според докторот, грешката воопшто не е кај дежурните лекари и колегите од битолските интерни одделенија.

Во пораката од наводен роднина на момчето стои:

-Имено, пред три недели имаше мал хируршки, ако можам да го наречам, зафат, или интервенција на ортопедија бидејќи во јуни месец се повреди со некоја сајла по грбот, имаше рана за која не отиде на лекар. Бидејќи изгледаше како површинска исекотина. Пред неполни три недели, детето во туширање со допир осетил дека нешто има на повреденото место, како некое страно тело, кое не го боли, туку само на допир се осеќа. Во истиот момент оди на болница, го упатуваат на ортопедија, му објаснува таму за случајот и тие му велат сега е касно, дојди утре ќе направиме ренген и ќе видиме што имаш. Другиот ден, детето оди таму, прави ренген и на него се гледа метален предмет осносно беше парче железо. Му го вадат железото одма и го прашува докторот кога имаш последен пат примено тетанус? Тој му одговара ревакцинација на 18 години. Докторот му вели-добро нема потреба од нова доза, и на толку длабока рана не го шие, само му вели ела другиот ден на преврска. Другиот ден оди, ама нема кој да го види , нема доктор само сестрата го преврзува и тоа е тоа. Е тука јас се сомневам е лекарската грешка-стои во пораката испратена до д-р Беќаровски, од наводен роднина на момчето.

Инаку, обдукцискиот наод за причините за смртта на 24 годишниот С.Т. од село Цапари, Битолско, кој почина во Битолската болница откако беше примен со висока температура и трески, покажа дека починал од дисиминирана интраваскуларна коагулација ДИК или брзо трошење на факторите за згрутчување на крвта што доведува до неконтролирано крварење од многу органи и системи.

Да потсетиме, момчето со многу висока температура и трески било примено во Клиничката болница, веднаш било згрижено на одделот за Интензивна нега. Иако лекарите конзилијарно го третирале, од час во час состојбата му се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата, момчето почина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот