Уште еден удар по џебот на скопјани, ќе се зголеми цената на водата за пиење

Сметки од ЈП „Водовод и канализација“ / Фото: МИА

Скопјани најверојатно од следниот месец ќе пијат поскапа вода, доколку Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на седница го изгласа предлог решението за зголемување на цената на водата, кое веќе е изготвено по барање на ЈП „Водовод и канализација. Колку точно ќе плаќаат домаќинствата дополнително ќе се знае, но според предлогот на РКЕ просечната тарифа за вода наместо 23,14 денари за метар кубен како досега, со зголемувањето ќе изнесува 26,36 денари.

Јавното претпријатие задолжено за водоснабдување на главниот град уште во ноември минатата година упатило барање до РКЕ за измена на тарифата за вода пред истекот на регулираниот период 2021 до 2023 година, во кој требаше да важи цената утврдена во 2020 година. ЈП „Водовод и канализација“ барало зголемување на просечната цена на водата за пиeње и за 2022 година, со предлог таа да изнесува 38,57 денари за метар кубен, а за 2023 година барале цена од 38,81 денар за метар кубен.

Во предлог решението што го подготвила Регулаторна комисија делумно се прифаќа зголемување на тарифите, но не во тој износ што го посакувало јавното претпријатие. Во образложението на, засега, само предлог решението, се вели дека РКЕ при утврдување на просечната тарифа за вода се водела од тоа цената на водната услуга да не го надминува прагот на достапност, одреден на ниво од 3 отсто од просекот на вкупниот приход по домаќинство во подрачјето во кое се обезбедува водната услуга.

– Цената на водната услуга ги вклучува тарифата за водната услуга, надоместоците поврзани со користење на водите утврдени со Законот за водите или со друг закон, како и даноците утврдени со закон. Минималниот и максималниот дозволен опсег од утврдената вредност на просечната тарифа, кој ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе го примени при донесување на Одлуката за утврдување на тарифата за водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување изнесува 5,04% за 2023 година – стои во образложението.

Притоа, јавното претпријатие, како што наведуваат од РКЕ треба да има во предвид дека минималната просечна дозволена тарифа ги покрива оперативните трошоци на давателот на водната услуга и амортизацијата на сопствените основни средства, додека пак максималната просечна дозволена тарифа ги покрива оперативните трошоци на давателот на водната услуга, амортизацијата на сопствените основни средства и амортизацијата на бесплатно добиените основни средства, средствата за ликвидност, како и приносот на регулираните основни средства.

Покрај водата, Регулаторна подготви и решенија за зголемување на тарифите за собирање и одведување на урбани отпадни води, како и за прочистување на отпадните води, чии ставки се исто така дел од сметките што секој месец им се испорачуваат на скопјани.

Па така, просечната цена за сoбирање и одведување на урбани отпадни води се зголемува од 13,25 денари на метар кубен, на 14,96 денари, додека за прочистување на отпадните води зголемувањето што се предлага е минимално од 0,86 на 0,87 денари на метар кубен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот