Унгарија: Виктор Орбан отвора нов фронт против ЕУ

Виктор Орбан и Урсула фон дер Лајен / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Добри бизниси со Русија наместо санкции. Вето против разговорите за пристапување на Украина во ЕУ. Заострени контроли и произволие против владини критичари. Премиерот на Унгарија, Орбан, отвора нова кавга со ЕУ.

Надвор од Унгарија во последно време не се зборува многу за Орбан. Вниманието на европската јавност е насочено кон војната на Блискиот Исток и војната на Русија против Украина.

Покрај тоа  политичкото влијание на Унгарија во Европа  во изминатите години е намалено. Земјата изгуби сојузници во средна и југоисточна Европа, како на пример со симнувањето од власта на ПиС во Полска, најважниот партнер во регионот.

Сепак унгарскиот премиер како  „контраш на Европската унија”  и креатор на „нелиберална држава” моментално е повторно во зенитот. Неделава (21.11.2023) Орбан во писмо адресирано до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, најави дека ќе употреби вето против отпочнување на пристапните преговори со Украина.

Унгарската влада пред неколку дена започна една од нејзините т.н. „национални консултации”, кампања проследена со плакати ширум целата земја.

Овој пат акцијата главно е насочена против Украина, но и против европската миграциска политика. И внатрешнополитички Орбан со т.н. „Закон за суверенитет” дополнително ја стегна јамката околу вратот на политичката опозиција.

Консултација со сугестивни прашања

По многу години на спорови, во Европа се чини се заситени од Орбан. И тоа иако премиерот во последно време сѐ повеќе ја радикализира реториката, како на пример кога постапката за правна држава на ЕУ против Унгарија заради корупција вербално ја поистоветува со упадот на советските сили во Унгарија, чиишто тенкови во 1956 година ставија крвав крај на унгарската револуција.

Тој ги набедува „бирократите од Брисел” дека сакаат на Унгарија да ѝнаметнат “размена на население” со исламски мигранти и „ЛГБТ начин на живот”.

И новите „национални консултации” содржат соодветни пасуси. При такви кампањи владата испраќа прашалници на сите унгарски домаќинства во кои може да се изберат одговори на сугестивни прашања.

Во актуелниот контекст на пример се вели „се намножуваат вести за агресивна ЛГБТ пропаганда чија мета се деца”. ЕУ предлага да се олабави заштитата на децата. Граѓаните може да одлучат дали го сакаат тоа или не. Но, таков предлог од Брисел воопшто не постои. Де факто се работи за тоа дека ЕК ја тужеше Унгарија во 2022 пред Европскиот суд поради закон во кој „ЛГБТ и квир пропагандата” практично се поистоветува со педофилија и кој забранува било какви содржини за хомо- и транссексуалност да станат достапни на малолетници.

Врз основа на законот, една книжарница во Будимпешта во 2023 година беше казнета со 32 илјади евра парична казна затоа што бил изложен стрип за младинци кој ја третира љубовната приказна на две момчиња.

„Дали одобрувате гета за мигранти?“

Слично сугестивно се прашува и на други теми. На пример дали Унгарците сакаат  „гета за мигранти”, како Брисел ги планира, или дали одобруваат финансиска поддршка на ЕУ за палестинските територии?

Демагошки е и делот за Украина. Дали граѓаните се за членство на Украина во ЕУ, кога земјата тогаш ќе добива голем дел од европските субвенции, гласи едно од прашањата.
Граѓаните може да се одлучат за мир или „да бидат на воено поле за повеќе средства од ЕУ”. Може да се одлучат за заштита на унгарските селани и против увоз на генетски модифицирани украински житарки. И за тоа прво Унгарија да добие субвенции, пред натаму да се поддржува Украина.

Добри бизниси со Русија

Виктор Орбан на Западот му префрла во речиси секое неделно обраќање на државното радио, дека е виновен за војната на Русија против Украина и за тоа дека не сака да го прекине крвопролевањето.  Тој се залага за нормализација на релациите со Русија  и  укинување на антируските санкции на ЕУ.

Унгарија како единствена членка на ЕУ покажува како и во време на војна функционираат големи проекти со Русија. Неодамна (14.11.2023) унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, и шефот на Руската атомска енергетска агенција „Росатом”, Алексеј Лихачов, потпишаа конкретен план за подолго време веќе планираното проширување на унгарската атомска централа Пакс.

Нов планиран закон што ќе понуди повеќе можности за системот на Орбан да постапува против критичари потсетува на еден руски пример. Т.н. Закон за суверенитет наскоро ќе се разгледува во Собранието и можеби ќе биде и усвоен.

Законот под казна става какво било финансирање на партии или изборна кампања од странство. Покрај тоа предвидува и „Служба за заштита на суверенитетот”. Институцијата треба да контролира дали партии, организации или поединци го повредуваат националниот суверенитет на Унгарија.

Алатка за шиканирање на неистомисленици

За тоа добива речиси неограничен пристап до сите видови податоци на истражувани организации и лица. Врз основа на „Извештаи за суверенитетот” изготвени од институцијата ќе може да се отворат истражни постапки против организации и физички лица – далекусежен инструмент за да се шиканираат критичари на системот Орбан.

Ниту законот, ниту образложението за него го дефинираат поимот „национален суверенитет” или што би можело да се смета за повреда на истиот. Текстот на нацртот е толку неопределен што на пример дури и медиумите кои добиваат донации од странство, би можеле да бидат криминализирани.

На сличен начин во Русија со „Законот за странски агенти” од 2012 година се забрануваат граѓански организации или се инкриминираат физички лица. И во Унгарија веќе има сличен закон со кој приватни организации треба да бидат обврзани ако добијат одредена сума на финансиска поддршка од странство, да се декларираат како „финансирани од странство”.

Законот во јуни 2020 година беше прогласен за противправен од страна на Европскиот суд. Сегашниот Закон за суверенитет е еден вид проширена и заострена верзија. Во Унгарија има веќе остри протести против законот. Бројни важни невладини организации во заеднички стејтмент зборуваат за „Закон за заштита на произволието” наместо на суверенитетот.

Прочуени унгарски правници нацртот го сметаат за противуставен и некомпатибилен со европското законодавство. Премиерот на Унгарија не го оспорува тоа.
Неговата стратегија ја најави неодамна на конференција во Швајцарија. „Унгарија не е црната овца во Европа, туку првата ластовичка”.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Кено Верзек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот