Уметност инспирирана од соништата ќе претстават 15-ина членови на ДЛУП

Постер за изложбата во Прилеп

Тематска изложба на дела од уметници – членови на ДЛУП, со наслов „Креации од ноќта – уметност инспирирана од соништата“, ќе биде отворена на први септември, од 19.30 часот, во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На изложбата ќе земат учество околу 15 уметници кои се членови на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп (ДЛУП).

– Низ вековите, научните и уметничките милјеа изразувале силен интерес за состојбата на сонување и таинственоста на сонот. Многубројни уметници, меѓу кои Хиеронимус Бош, Франциско де Гоја, Вилијам Блејк, Џорџо де Кирико, Хуан Миро, Рене Магрит и Салвадор Дали, ја пронашле личната творечка инспирација во соновите и различните состојби на свеста. За нив, суштинското разбирање и интерпретирање на сонот преку визуелниот ликовен јазик претставува неодминлив и возбудлив предизвик. На тој начин, тие создале автентична и препознатлива сликарска иконографија. Предводниците на уметничките правци – дадаизам, магиски реализам и надреализам, извршиле големо влијание врз модерната светска и домашна уметничка сцена.

Во творештвото на претставниците на магискиот реализам (Анри Русо, Џорџо де Кирико и Карло Кара) основен предмет на интерес е фантастиката и метафизиката. Додека пак, предводниците на надреализмот (особено Рене Магрит и Салвадор Дали) во своето творештво ги применуваат најновите научни сознанија од областа на психоанализата (Фројд и Јунг) и ја проучуваат функцијата на сонот. Симболиката на сонот служела за одгатнување на психичката активност на потсвеста и начинот на којшто влијаела врз однесувањето на поединецот во секојдневието.

Овие уметнички правци претставуваат особен предизвик и инспирација за група современи уметници, односно членови на ДЛУП. Имајќи ги предвид нивните основни концепти и принципи, уметниците/учесници во текот на проектната активност создадоа уметнички дела во зависност од сопствениот уметнички афинитет и со помош на разни техники и материјали – известија од Друштвото на ликовните уметници на Прилеп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот