Украина ослободи важен град во септември, но сега повторно евакуира луѓе од него стравувајќи од рускиот напредок

Купјанск / Фото EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

Околу 2.500 луѓе останаа да живеат во Купјанск, украински град во североисточниот регион Харков. Меѓу нив се Љуба и нејзиниот сопруг Сергеј, кои за Си-Ен-Ен изјавија како е да се живее во уништениот град, каде артилерискиот оган се интензивира сѐ повеќе.

Љуба разговарала со новинарите стоејќи во она што останало од нејзината градина откако била уништена пред еден месец за време на гранатирањето на куќата на нејзиниот сосед. Парот бил во кујната кога тоа се случило. И покрај гранатирањето, тие одлучиле да не ја напуштаат својата куќа.

„Ова е наш дом. Покрај тоа што се затоплува, има и дождовница што ја собираме во кофа. Ќе преживееме“, изјави Љуба за Си-Ен-Ен.

Костјантин Тарасов, началникот на полицијата во Купјанск, вели дека од средината на февруари звукот на артилерија е сѐ поблиску и поблиску. Руските позиции сега се оддалечени помалку од осум километри од Купјанск – градот што го зазедоа на почетокот на инвазијата и го загубија во септември за време на украинската контраофанзива.

Украинските власти минатата недела наредија задолжителна евакуација на најзагрозените жители на Купјанск поради постојаното руско гранатирање.

„Поставивме бесплатни знаци за евакуација насекаде со телефонски броеви за јавување. Како што се засилуваше гранатирањето, се пријавуваа сѐ повеќе луѓе. Но, потоа интернетот беше прекинат два дена, па тие не можеа да стапат во контакт. Затоа почнавме само слепо да посетуваме адреси, да тропаме на вратите. Но, некои луѓе одбиваат да одат. Тие не сакаат да ги напуштат своите домови и се надеваат дека Русите ќе бидат турнати назад“, изјави за Си-Ен-Ен Дмитро Ковалов, еден од волонтерите вклучени во евакуацијата.

Властите велат дека осум од 40 евакуации во Купјанск успеваат секој ден. Заклучно со минатата недела во градот се уште имало 350 деца и 363 лица со попреченост, изјави портпаролот на полицијата во Купјанск. Покрај тоа што постојаното гранатирање го отежнува пристапот до градот, има и оштетувања на инфраструктурата, како и оштетувања на многуте патишта кои водат надвор од градот.

Главниот пазар во Купјанск е претворен во урнатини, поради што преостанатите жители купуваат и продаваат сѐ што можат на картонски кутии наредени покрај земјената патека. Вака Лида продава пушена риба. Таа преживеа шест месеци под руска окупација минатата година. Таа за Си-Ен-Ен вели дека и овојпат нема да го напушти Купјанск.

„Ние не сме стаорци! се криеме каде можеме… Зад куќите или некаде“, рече Лида.

Повеќето од зградите во Купјанск беа оштетени за време на безмилосните напади, а многу беа урнати. За последните неколку илјади цивили од Купјанск, не останаа многу места за криење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот