Три децении по распадот на СФРЈ, Југословените „воскреснуваат“ во поранешните републики

СФРЈ / Фото: МИА

Иако СФРЈ не постои повеќе од три децении, сепак не исчезнаа луѓето кои мислат дека „некогаш подобро се живееше“ и се уште се декларираат како Југословени. Имено доколку се погледнат последните податоци во државите од поранешна Југославија поточно од статистичките пребројувања на населението во нив ќе се забележи дека се уште има луѓе кои се декларираат како Југословени а Србија е една од поранешните земји на СФРЈ во која има најмногу лица кои се декларираат како такви.

Србија – Екс-ју држава со најголем број на Југословени

Податоците од пописот одржан во Србија во 2022 година се објавени на веб-страницата на државниот завод за статистика , а според тие податоци, дури 27.143 граѓани на Србија се изјасниле како Југословени. Во споредба со податоците од претходниот попис, одржан во 2011 година, бројот на Југословени е зголемен – во 2011 година имало 23.303.

Босна и Херцеговина – Некогаш 333.468  а сега 2.570

Далеку помалку но сепак во голем број Југословени денеска живеат во БиХ. Иако според податоците од последните три пописи, одржани во 1981, 1991 и 2013 година, има пад на бројот на граѓани кои се изјаснуваат како Југословени во БиХ, сепак оваа република е на второ место по број на граѓани на екс-ју просторите кои се чуствуваат како Југословени.

Југословени во Екс-Ју републиките
Југословени во Екс-Ју републиките

На пописот од 1981 година, од вкупно 4.193.369 жители на Босна и Херцеговина, 333.468 или 7,95 отсто се изјасниле како Југословени. Десет години подоцна, во 1991 година, тој број изнесува 5,54 отсто од вкупното население од 4.377.033 или 242.682 граѓани.

На последниот попис одржан во 2013 година, од вкупно 3.531.159 жители на БиХ, 2.570 се изјасниле како Југословени, односно само 0,07 отсто.

Црна Гора – 1.154 лица кои се декларираат како Југословени

Во меѓувреме според податоците на Црногорскиот институт за статистика, бројот на Југословени во Црна Гора со текот на годините се намалувал. Во Црна Гора во 1981 година имало 31.243 Југословени, а во 1991 година 26.159. Бројот на оние кои се декларираат како Југословени драстично се намалил во 2003 година – 1.860, но според последниот поис на населението во оваа поранешна југослоовенска земја одржан во 2011 година има 1.154 лица кои се декларираат како Југословени.

Сепак треба да се истакне дека на пописите во 1981 и 1991 година, покрај населението во земјата, во постојаното население се вбројувале и црногорските државјани на привремена работа во странство, како и членови на семејствата кои престојувале кај нив во странство. На пописот од 2003 година, покрај населението во земјата, во составот на постојаното население се вклучени и црногорските државјани чија работа или престој во странство била помалку од една година.

Хрватска – Југословените во пораст

Хрватска е меѓу ретките земји каде што бројот на оние кои се декларираат како Југословени се зголемува со текот на годините. Па така на пописот во Хрватска во 2001 година имало 176 граѓани кои се изјасниле како Југословени. Една деценија подоцна, во 2011 година, тој број се зголеми на 331. Пописот одржан пред две години покажува дека 942 граѓани на Хрватска се изјасниле како Југословени.

Словенија – 527 Словенци се чуствуваат како Југословени

Според податоците на словенечкиот институт за статистика, во 1971 година имало 6.616 лица кои се изјасниле како Југословени. Десет години подоцна бројот на Југословени се зголемил – 25.615, а од 1991 година повторно се намалува и тој изнесува 12.075. Интересно е што во 2002 година во Словенија како Југословени се изјасниле само 527 граѓани.

Македонија – Југословените се уште ги има во пописните одговори на Македонците

Југословените се уште ги има во пописните одговори на жителите на Македонија. Според резултатите на пописот одржан во 2021 година 227 мажи и двојно помалку жени се изјасниле национално како Југословени, три децении по распадот на заедничката држава. Вкупниот број на Југословени изнесува 344 односно 0,1% од вкупниот број на попишаното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот