Трендафил Ивановски: Недостатокот на политичка волја за избор на уставни судии да не се компензира со хибридни решенија

За неполни два месеца Македонија може да навлезе во уставна криза доколку деновиве не се изберат нови судии кои ќе ги пополнат засега испразнетите места. На 7 декември официјално ѝистекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова, со што од потребни девет, судот ќе остане со вкупно 4 судии и нема да има кворум за работа.

Во тој контекст и имајќи ги на ум последните политичките калкулации и обвинувања во Собранието меѓу власта и опозицијата околу изборот, процедурата и именувањето на уставните судии, поранешниот претседател на Уставен Суд Трендафил Ивановски за „Слободен печат“ предупредува дека пролонгирањето на изборот на судиите ја загрозува уставноста на државата.

– Уставните судии се бираат на десет години. За нивниот избор има јасно утврдена процедура во Уставот кој ги предлага, избира, именува и сл. Како и деновиве и во минатото имало незадоволство од понудените кандидати за тие позици, но никогаш како денес немаме толкава политичка неодговорност од партиите која не турка до евентуална криза но и парализа на институциите во земјата. Накратко кажано Уставниот суд може да стане не уставен – посочува Ивановски.

Тој потенцира дека поради фактот што во Собранието очигледно нема таков механизам и авторитет, овој конфликт кој неделава е актуелен ги има сите предиспозиции да ескалира.

– При изборот на уставните судии треба да бидат запазени сите мерила, критериуми и законитости и да не се оди на било какви компромиси на опозицијата и позицијата кои наликуваат на некакви неиздржани решенија со цел да се протуркаат и подоцна изберат кандидатите. Повторувам недостатокот на политичката волја околу изборот на уставните судии да не се компензира со некакви хибридни решенија, бидејќи тоа ќе има далекусежи последици по Уставниот суд и самата држава – заклучува Ивановски.

Во меѓувреме за да се избегне уставна криза, вчера и денеска на дневен ред на пленарната седница во Собранието беше избор на двајца уставни судии. Станува збор за апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева, кои како предлози се пристигнати до претседателот на парламентот Талат Џафери од страна на претседателката на Комисијата за изборите и именувањата Марија Георгиевска од СДСМ.

Оваа Комисија треба да предложи вкупно три имиња, а седницата на која се расправа за утврдување на предлозите не е завршена со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ со повеќечасовни говори и процедурални забелешки спречува републичкиот обвинител Љубомир Јовески да биде утврден како трет предлог за уставен судија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески изутринава порача дека мнозинството сепак нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да го блокира изборот на уставните судии и дека не е преседан тоа што Собранието ќе гласа за двајца од тројцата предложени кандидати за судии на Комисијата за избори и именувања.

– Прво да правиме разлика помеѓу избор на уставен судија и носење закон или амандмани. Кога станува збор за избор се води расправа на Комисијата и се гласа за секој посебно. За двајцата кандидати е завршена комисиската расправа. Ако на опозицијата е цел да ја донесе земјата во уставна криза тоа нема да го дозволиме. Нека поднесат пријави. Ова е во рамките на процедурата, излегуваме во пресрет да не се создаде уставна криза. Не се гласа во пакет за сите судии, туку се гласа поединечно за секој предлог. Нема логика во Комисијата да заврши дебатата за сите, за тие да одат во пакет на пленарка – рече Митрески.

Тој потсети дека за изборот на тројца уставни судии Комисијата расправа од април.

Веднаш по него се огласи и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на прес-конференција во Собранието. Тој рече дека постапката за избор го прави Уставниот суд неуставен.

– Циркусот во Собранието продолжува и денес, а главните актери од власта очигледно имаат големи проблеми. Веќе два дена Собранието е заложник на власта и мнозинството, два дена собранието не може да започне со работа наоѓајќи разни изговори зошто таа сè уште не е започната. Втор ден, власта и мнозинството си поигруваат со пратениците, Собранието како институција, но најмногу со граѓаните бидејќи тие очекуваат парламентарното мнозинство да биде овде во Собранието, на своите работни места, да работи и да носат законски решенија во корист на граѓаните. Очигледно, за мнозинството не се важни ниту мерки ниту закони туку најважни се меѓупартиските и теснокоалициските комбинации и пазарења“ рече на прес-конференција координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот