
Трамп: Не ги решавав војните за Нобеловата награда за мир, туку за да спасам животи
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека не ги решавал војните за да ја добие Нобеловата награда за мир, туку за да спаси животи и нагласи дека нема став по прашањето за можна палестинска државност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Никој во историјата не ги запрел осумте војни во период од девет месеци, а јас го направив тоа. Но, тие ќе прават што сакаат. Што и да прават, во ред е. Не го направив тоа за наградата. Го направив тоа затоа што спасив многу животи“, објави Гардијан.
Во исто време, Трамп изрази оптимизам за решавање на преостанатите прашања што не се опфатени со првите фази од договорот за прекин на огнот во Газа, но нагласи дека не сака да заземе став за идна палестинска држава.
„Немам став за тоа. Ќе прифатам што и да се согласат“, нагласи американскиот претседател, објави Си-Ен-Ен.
Трамп, исто така, објави дека ќе отпатува во Египет за официјалното потпишување на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел и дека е поканет да зборува во израелскиот Кнесет, што и тој го прифати.
Израелскиот премиерБенјамин Нетанјаху вчера сподели фотографија од Трамп со Нобеловата награда за мир околу вратот, генерирана од вештачка интелигенција, на социјалните мрежи.
„Дајте му ја Нобеловата награда за мир на Доналд Трамп – тој ја заслужува“, напиша Нетанјаху на платформата X, откако вчера беа објавени прекинот на огнот и договорот за ослободување на заложниците во Газа, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху претходно го номинираше американскиот претседател за Нобелова награда, која американскиот лидер не криеше дека сака да ја освои.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава објавена вчера изјави дека американскиот лидер Доналд Трамп треба да биде номиниран за Нобелова награда за мир ако му донесе на светот, а пред сè на украинскиот народ, шанса за прекин на огнот.
Нобеловиот комитет денес ќе го објави името на овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир.