Трамп и Џонсон: Често ги споредуваат, но дали се ПРИЈАТЕЛИ или се е ИЗМАМА? (ВИДЕО)

Британскиот премиер Борис Џонсон изјавил дека американскиот претседател Доналд Трамп е тој „еден човек“ кој може да постигне подобар нуклеарен договор со Иран. Џонсон ја бранеше одлуката на Трамп да се извлече од договор со таа западноазиска земја постигнат во време на неговиот претходник Барак Обама, наведувајќи дека тоа беше „лош договор“ и дека Иран е факторот што пречи во тој регион.

„Мислам дека постои еден човек кој може да постигне подобар договор, човек кој разбира како се придобива тежок партнер како Иран, а тоа е претседателот на САД“, рекол Џонсон во емисија на Ен-Би-Си Вечерни вести.

Ваквото ласкање може да се покаже како корисно, ако целта е Трамп да се доведе на преговарачки стол со Иран. Трамп веќе реагираше позитивно на едно претходно интервју на Џонсон, во кое британскиот лидер предложи нов пакт со Иран.

„Затоа тој е победник. Затоа тој е човек кој ќе биде успешен во Британија“, рекол тогаш Трамп.

„Под број еден, тој е мој пријател. Под два, тој е многу паметен, многу цврст“.

Меѓутоа Џонсон има помалку ентузијазам да се класифицира во кругот на лицата многу блиски до Трамп. На прашањето дали Трамп е негов „најблизок пријател“ меѓу светските лидери, тој укажа дека има „добри односи со многу лидери низ целиот свет“.

„Мислам дека е многу важно Британија да има силна, блиска соработка со САД, кои се наш број еден сојузник“, рекол британскиот премиер за Политико.

Џонсон и Трамп ќе се сретнат денес на Генералниот совет на Обединетите нации во Њујорк, а низата на политички несогласувања би можеле да доведат до конфликт или барем, како што пишува Политико, излив на бесни твитови. Џонсон за Ен-Би-Си оценил дека споредбите меѓу него и Трамп се „необични“, па укажал дека тој не е ни приближно активен на Твитер како американскиот претседател и дека не е „мајстор за тој медиум“.

„Трамп е толку независен во мислењето и таков оператор со медиумите, што мислам дека сме внимателни по прашањето на преголемо учество. Тој може да ви експлодира во лице. Јасно е дека мораме да ги одржуваме односите, бидејќи САД е многу важен сојузник, но мораме да останеме блиски со САД, а не со Трамп“, изјавил за Политико неименуван службеник на британската влада.

Трамп на Џонсон му пружил значајно повеќе простор отколку на другите светски лидери, што е уште повпечатливо кога ќе се земе во обѕир неговиот лош однос со Тереза Меј. Сепак, во позадина, Џонсон и неговиот тим се свесни дека Трамп секогаш го држи едното око на својата претседателска кампања.

„Тој не е фокусиран на односот, тој е фокусиран на изборите. Тој е секогаш во тој модалитет, па треба да бидеме многу внимателни во своето учество“, рекол извор од британската влада.

Лесли Винџамури, шефицата на американската програма на институтот Четам хаус смета дека пријателството помеѓу Трамп и Џонсон е еден вид на измама.

„Секако треба да имате сила, посебно кога станува збор за Џонсон, но и за Трамп, за одржување на оптичка илузија дека имаат многу силен однос“, рекла Винџамури.

Таа укажала дека британскиот премиер е очаен да постигне пост-Брегзит договор со Вашингтон, додека Трамп е отворен за договор.

„Покрај тоа, постои цел свет на несогласувања помеѓу нив. Трамп го отфрлил иранскиот нуклеарен договор и сака да заземе тврд став спрема Техеран, додека Џонсон, барем до вчера заговарал за одржување на пактот. Трамп е климатски скептик, а Џонсон ја ставил таа тема во сржта на акции на својата влада. Трамп на растот на Кина одговори со трговска војна, додека Џонсон тврди дека ќе се противи на тарифите“, истакнала Винџамури.

Таа објаснила дека пристапот на Трамп кон Џонсон е „романса“ со бројни несогласувања под површината, но го одржува неговиот пристап кон останатите светски лидери.

„Постои „романса“, но не можат да се согласат за многу прашања во политиката“, истакнала Винџамури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот