Тетовски земјоделци: Земјоделецот работи како коњот за сламата, па и сламата не му останува

Фото: Слободен печат

Се помалку земјоделци во тетовско. Најплодните земјоделски површини се пренаменуваат во градежни парцели, каде никнуваат домови или производствени погони.

Земјоделецот Мемет Синани, од тетовско Камењане, вели дека состојбата е очајна. Веќе никој не сака да занимава со оваа дејност оти е нерентабилна и ризична, а државата им помага на земјоделците со слоганот „ќе биде“, но никако да биде, вели тој.

Корона кризата како и конфликтот во Украина им нанесоа сериозни удари на земјоделците, а ветувањата на државата дека ќе се рефундираат средствата од големи загуби, не се исполнуваат.

Фото: Слободен печат

„Таму законот многу е јасен, но не се почитува. Таму вели колку ќе чинат репроматеријалите, колку земјоделецот потрошил за производство на пченица, тој треба да има плус 25% заработка, ние сме работеле многу години со загуби, но тоа е тоа. Кога ние работиме со загуба и кога производната цена е поголема од продажната, тогаш државата е должна да му ги рефундира средствата од 25 %, но тоа никогаш не се случило и оттаму немаат одговор конкретен, само велат ќе биде. Сега кризата во Украина го направи своето. Пченицата ја откупија по солидна цена дури и по 20 денари. Но, ние не можеме да се пофалиме дека сме заработиле, затоа што тогаш вреќа вештачко ѓубре беше 3.200 денари, а претходно беше 680 денари, е сега рачунајте колку е цената повисока на вештачкото ѓубре, а цената на пченицата се покачи за неколку денари. А, нас како земјоделци еден килограм пченица да произведеме не чинеше 23 денари“, вели Мемет Синани.

Новата методологија за добивање на субвенции е нереално да се исполни. Се бараат фискални сметки од земјоделците кои ги продаваат производите на пазар, каде нема фискализација.

„На пример за семенски материјал треба фискална и сега јас се прашувам пиперка за ајвар сакам да продадам, ама нема откупен центар каде можам да земам фискална. На пазар нема фискални каси кај што се продава пиперката, па јас оттаму да земам фискални. Државата требаше првин да ги уреди своите работи, за компирот на пример , за гравот за пченката и слично“, вели Синани.

Поради ваквата состојба во селата останаа по неколку земјоделци, не само во полошко туку и во цела Македонија, вели Синани. Решение е во отворање на откупни центри и пред се загарантиран откуп. Земјоделецот да биде на чисто да знае дека цела година работел , но на крајот нешто ќе добие, а не да го фрли во река или на буниште производот.

„Никој не се враќа веќе во оваа дејност, сите гледаат како да избегаат од оваа дејност оти математиката на било кој производ излегува дека земјоделецот работи како коњот за сламата, па и сламата не му останува. Во Општина Боговиње од каде сум јас има некаде 30.000 жители и од нив 5.000 до 6.000 се земјоделци, но се повеќе се откажуваат. На пример картичките за нафта се пуштени во цела општина само за 187 земјоделци, каде се другите. Затоа младите одбегнуваат да се занимаваат со земјоделието и ги оставаат нивите така. Лани беше 19 денари пченицата ќе видите колку ќе биде наредната година, дали ќе биде 13 денари. Со шеќерната репка така беше едно време значи имаш толку хектари по толку цена и ќе знаеш дали да произведуваш или не. Ние одиме сега со затворени очи. Сум засадил до 6 хектари пченица и не знам дали на крајот ќе добијам или ќе изгубам и следната година ќе засадам 2 хектари и 1 хектар или само за себе. Младите заминаа, јас и можеби некои помлади од мене ќе бидат последната генерација кои ќе се занимаваат со земјоделие“, вели Синани.

Тој смета дека цените на пазарите не се реални, инспекциите треба да обрнат внимание на трговците кои ги продаваат производите на пазарџиите, ставајќи високи маржи на грбот на земјоделецот и купувачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот