Тенџерето сепак може да се наполни

Овде во Северна Македонија луѓето и институциите се расправаат за тоа како да се дели млекото, но никој не се грижи дали кравата е здрава, дали јадела, дали може уште да произведе.

Економските прашања се многу комплексни, повеќето граѓани овој проблем им го препуштаат на професорите, а сепак сите граѓани работат во економија, сите се трудат да постигнат максимална вредност на својот труд, но дали државата им помага? Јас мислам дека економијата е едноставна работа и сите би требало да можат да ги сфатат и да ги изберат вистинските политики за зголемување на приходот на сите. Сакам да дадам едноставен пример. Да претпоставиме дека државата е како големо тенџере, во него има супа со која ги храниш сите, оваа супа би била познатиот бруто-домашен производ (БДП), таа достигнува одредено ниво, ако е ниско ќе биде мизерија за сите, државата ќе биде сиромашна, но нивото на супата може да биде повисоко и во тој случај општеството ќе биде побогато. Значи, проблемот е како да се подигне нивото (количината) на супата, пред прашањето како да се подели таа!

Ова е прашањето што мора да си го поставиме! Наместо тоа, гледам дека овде во Северна Македонија луѓето и институциите се расправаат за тоа како да се дели млекото, но никој не се грижи дали кравата е здрава, дали јадела, дали може уште да произведе.

Кои се произведувачите на богатство во една нација? Сигурно луѓето што работат, кои произведуваат стоки или даваат услуги. Значи, врз основа на тоа колку работиме и на кое ниво на ефикасност, така и се влијае на нивото на БДП. Уште еден важен параметар што мора да се земе предвид: најквалитетните производи добиваат највисоки цени на пазарот, па не е исто дали се произведуваат работи со ниска културна содржина или со повисока. Културното ниво на еден народ исто така влијае и врз неговото богатство. За да се изработат артикли со највисок квалитет, потребно е највисоко културно ниво, па затоа квалитетот на образованието станува сè поважен.

За да расте економијата мора да има многу работа и да се произведуваат производи на повисоко културно ниво. Дали државниот апарат може да влијае врз богатството на народот? Секако – да! Ако државата има бирократија која ја закочува наместо да ја стимулира активноста на граѓаните, ако во него има голем број луѓе само за да ги плаќа, тогаш тој тип држава не го фаворизира економскиот раст и е товар што ја кочи економијата.

Има толку многу да се зборува за тоа како се дели произведениот приход – познатата супа – но тоа е политичко прашање. Ако во економијата ништо не е уништено, тогаш се може да се смени. Дали е паметно да оставиш илјадници луѓе без работа или без субвенција за живот? Ова прашање не е политичко, тоа се однесува на економијата.

Да ја претпоставиме државата како институција за социјална заштита, тогаш таа може да ги придвижи сите оние што можат да работат – во фабрики, во канцеларии, во општествено корисни дејности што ги плаќа државата, како што се плевење, чистење канали за да нема поплави и слично. Потоа би требало да им се помогне со државни субвенции на сите оние што не можат да работат. Овие трошоци се сметаат за загуба, дека не носат корист за општеството. Мислам дека не е така! Како што кажав, во економијата ништо не се уништува, затоа инвестицијата на државата би била многу позитивна работа. Освен што ќе ја направи поправедна, без повеќегодишна сиромаштија, значи и поцивилизирана, таква инвестиција би била поттик и за економски раст.

Зашто, секој со парите купува нешто што му треба, па така би растела побарувачката за облека, за намирници и слично. Тоа би значело повеќе продажба за трговците, повеќе работа за фабриките итн.

Значи, оставањето илјадници луѓе без работа, и такви што ја заслужуваат, а без соодветна субвенција, тоа е глупав и бескорисен егоизам, навистина штетен за интересите на сите претприемачи и на сите граѓани.

Има уште една сериозна вонредна состојба во Јужна Европа и во Африка – миграцијата. Кога сите млади сили одат да произведуваат богатство во други држави, тоа е најсериозната штета што може да ја има матичната земја. Во младиот човек инвестираат и семејството и државата, а кога ќе биде полнолетен за да почне да работи и да произведе богатство, тој оди да го направи тоа во друга држава. Ако во матичната држава останат само деца и стари луѓе, кој ќе ја поддржи нејзината економија? Се чини дека никој не го забележува овој многу сериозен проблем, иако е најважниот. Апсолутно е неопходно ова сериозно крварење да се намали, мора да се задржат младите дома, а не да ја развиваат британската или германската економија.

Има уште многу неодговорени прашања во многу сектори. Земјоделството, на пример, каде што се резервирани најниските примања за тие кои работат во него, или индустријата каде што државната помош е резервирана за странски инвестиции, додека ништо за локалните претприемачи, што е сериозна грешка.

Можеби овие теми се однесуваат и на политиката, па оваа дискусија ќе ја продолжиме на друго место.

Авторот е бизнисмен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот