
Таравари нема да биде шеф на државата, а можеби и на партијата
По отворената понуда Таравари да биде опозициски кандидат за шеф на државата што, пак, би значело Алијанса на парламентарните да настапи со опозицискиот ЕСП, дознаваме дека Зијадин Села свикал средба со претседателите на ограноците на АА наместо лидерот Таравари. Нема одговор ни од Села ни од Таравари дали има двовластие во партијата.
Кој пат ќе го фати Алијансата за Албанците за претстојните двојни избори, највисокиот партиски орган, Централното собрание, се очекува да пресече најверојатно идната недела, а од тоа ќе зависи и дали партијата ќе остане единствена.
Препорачано
Билал Касами, еден од предводниците на опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП), ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека лидерот на АА, Арбен Таравари, е во игра за претседателски кандидат на опозицијата. Таравари, пак, повтори дека не е заинтересиран за понудата. Партиските процени се дека само со самостоен изборен настап ќе ја сочуваат партијата, во спротивно неминовна е поделба, без оглед дали Алијанса ќе реши да оди со владејачката ДУИ или со ЕСП, предводен од Изет Меџити, Касами и Африм Гаши.
По отворената понуда Таравари да биде опозициски кандидат за шеф на државата што, пак, би значело Алијанса на парламентарните да настапи со ЕСП, дознаваме дека претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села (од групата што го застапува ставот за коалиција со ДУИ), свикал средба со претседателите на ограноците наместо лидерот Таравари. Нема одговор ни од Села ни од Таравари дали има двовластие во партијата или, пак, Села се обидува да ја преземе Алијанса од Таравари.
Висок партиски функционер на АА објаснува дека ова не значи двовластие во нивната партија, туку дека состанокот на Села со ограноците е подготовка за Централното собрание и дека минатата недела и Таравари имал средба со ограноците за таа цел. Но, вчера Села му забележа на Таравари дека на средбата со косовскиот премиер Албин Курти, а во друштво на Касами, Меџити и Гаши, отишол без да се консултира со него како претседател на Централното собрание.
Од Алијанса повторуваат дека речиси сите ограноци се за самостоен изборен настап. Втора опција е заеднички настап со ДУИ, а на трето место е опцијата Алијанса на изборите да истрча со албанската опозиција. Од Алијанса велат дека во игра е и опцијата и владејачките и опозициските партии на Албанците на претседателските избори да излезат со единствен кандидат за шеф на државата, кој би бил непартиски.
Од ЕСП, пак, коментираат дека Алијанса веќе е поделена и се чека само тоа да се официјализира.
По средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, Касами во гостување во емисија на Радио телевизија Косово потврди дека е разговарано со Таравари тој да биде претседателски кандидат.
– Да, разговарано е со Таравари да биде претседателски кандидат и се гледа како соодветен албански кандидат на овие избори – рече Касами.
Таравари во куса изјава за МИА потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле тој да биде нивен кандидат за претседател на претстојните избори, но истакна дека тој не е заинтересиран.
– Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран – рече Таравари.
Како што веќе објави „Слободен печат“, на средбата со Курти на маса биле ставени и конкретни предлози за кандидати за шеф на државата. Курти предложил Таравари и Касами да се договорат едниот да биде претседателски кандидат, а другиот носител на Шестата изборна единица, но, според информациите со кои располагаме, немало договор. ЕСП преферира Таравари да биде претседателски кандидат, бидејќи Касами може да повлече повеќе гласови како носител на листата на Шестата изборна единица.
Договор не бил постигнат ниту за вториот предлог на косовскиот премиер – за заедничка листа на партиите на Албанците на парламентарните избори. Ова, пак, е неприфатливо за албанската опозиција, бидејќи смета дека тоа повеќе ѝ одговара на владејачката ДУИ.
„Тепачка“ за средба со лидерот на АА
И лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во партиското седиште се сретнал со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Ковачевски преку Фејсбук информираше дека со Таравари разговарале за реализацијата на програмата на Владата, за динамиката на работа во наредниот период, како и за политиките што значат исполнување на стратешката цел на земјата за членството во ЕУ и партнерството со САД.

„Наши заеднички цели на кои посветено работиме како политичари и коалициски партнери се продолжување на европскиот пат до полноправно членство во ЕУ и јакнење на стратешкото партнерство со САД. Тоа е наша обврска кон сите граѓани и кон иднината на државата затоа што Северна Македонија нема друга алтернатива освен европскиот пат“, напиша Ковачевски.