
Танкоски: Ќе беше штета да не победевме на крајот против Мешков Брест
Е. Пелистер на домашен терен во Битола по пенали славеше над белорускиот Мешков Брест за прво историско „фајнал-фор“ учество во СЕХА Газпром лигата.
Препорачано
Ракометарите на Е. Пелистер го добија мечот со 27:26 (23:23) пред своите верни навивачи кои направија одлична атмосфера и ја дадоа потребната поддршка.
Играчите на данскиот тренер Ларс Валтер успеаја да триумфираат и ја израдуваа публиката во преполната сала „Боро Чурлевски“.
– Денеска бевме одлични во одбраната, играјќи слабо во нападот, но на крајот некако успеавме да го добиеме ова и чувствувам дека заслуживме да победиме. Ние сме слична екипа на Мешков Брест, екипа што се развива и невозможно е да бидеме на врвот на нашата игра на почетокот на сезоната. Покажавме карактер што ги радува фановите и на тоа сум горд – рече тренерот на Е. Пелистер, Валтер.
На 2 септември во Задар (Хрватска) македонскиот вицешампион во полуфиналето ќе игра против Веспрем од Унгарија. А истиот ден во второто полуфиналето силите ќе ги одмерат хрватските клубови ППД Загреб и Нексе Нашице.
– Беше одлично да се игра во оваа атмосфера и пред овие навивачи. Водевме цели 60 минути и ќе беше штета да не победевме на крајот. Пеналите се секогаш лотарија, но покажавме карактер, верба и мислам дека заслужено победивме. Не треба да трошиме зборови за Веспрем и дуелот во полуфиналето. Ќе одиме во Задар да уживаме – беа зборовите на играчот на Е. Пелистер, Марио Танкоски.