јаболка

Светското производство на јаболка годинава е исто како лани – домашното е целосно уништено, ќе јадеме увозни по цена до 250 денари за килограм

Димензиите на штетите од априлскиот мраз се уште поголеми ако се знае дека 60 отсто од целиот овошен род во Македонија го сочинуваат јаболката

Среде лето, Македонците плаќаат од 140 до 190 денари за килограм јаболка увезени или од Србија или од Полска. Дел од увозниците велат дека есеноска нивната цена може да стигне и над 250 денари за килограм. Ова не се нереално прогнози, ако се знае дека априслкиот мраз го уништи речиси целиот род на преспанските јаболка, а од вкупно 2.600 овоштари, за надомест на штетата се пријавија околу 2.400. Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, димензиите на оваа земјоделска трагедија се уште поголеми ако се знае дека 60 отсто од целиот овошен род во Македонија го сочинуваат јаболката.

– Во нашиот регион има околу 5.000 хектари под овошни насади. А во најдобрите сезони реколтата е од 120 до 150 илјади тони јаболка. Ова е огромна загуба и за Преспа, но и за државата, бидејќи годинава ќе изостане приходот од извоз – прецизираа од Општина Ресен за нашиот весник.

Според проценките на Светската асоцијација за одгледување јаболка и круши (ВАПA), производството на јаболка во ЕУ оваа сезона останува речиси на исто ниво како и минатата година – вкупно 10,45 милиони тони (намалување од 0,1 процент), што е сепак 7,5 проценти под тригодишниот и петгодишниот просек. Најчестата сорта, Златен делишес, ќе забележи пад на приносот од 0,9 проценти (на 2,06 милиони тони), додека Гала ќе се стабилизира на 1,43 милиони тони. Најголем пад бележат сортите Ред Делишес (пад од 19,2 проценти) и Ајдаред (пад од 8,8 проценти).

Од друга страна, производството на круши во ЕУ ќе се зголеми за 1,4 проценти и ќе достигне 1,79 милиони тони, но ова е сепак 2,5 проценти под тригодишниот просек. Италија ќе забележи значителен пад на приносите од круши, за 24,7 проценти, а Белгија ќе порасне за 32,1 процент. Холандија, исто така, ќе забележи значително зголемување, за 8,1 процент. Меѓу сортите јаболка, се издвојува очекуваното зголемување на производството на сортата Конференција (15,6 проценти), додека Вилијам БЦ паѓа за 16,7 проценти, информира Пословни дневник.

Инаку Хрватска очекува жетва на јаболка од 48.000 тони, што е пад од 27 проценти во споредба со претходната година (66.000 тони), или 23,5 проценти под тригодишниот просек. „Се очекува малопродажните цени на јаболката во претстојната сезона да бидат помеѓу 2,0 и 2,30 евра за килограм, во зависност од сортата и квалитетот. Откупната цена за првата класа треба да биде околу 0,80 евра/кг, додека за втората класа се очекува не повеќе од 0,30–0,35 евра/кг, бидејќи одлуката на владата за ограничување на цената на пакување од 2 кг е сè уште на сила“, вели Бранимир Маркота, претседател на Хрватската заедница на овоштари.

Во 2023 година, Македонија увезла 2 милиона долари јаболка (свежи), станувајќи 131. најголем увозник на свежи јаболка (од 220 земји) во светот. Во текот на истата година, јаболката (свежи) беа 752-риот најувезен производ (од 4.070) во земјава, покажуваат податоците на ОЕЦ. Во 2023 година, Македонија увезувала јаболка (свежи) првенствено од: Србија, Грција, Албанија, Молдавија и Италија. Истата година Македонија извезла 15,5 милиони долари јаболка (свежи), со што станала 32 најголем извозник на свежи јаболка (од вкупно 149) во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот