Светска банка алармира: Храната може да поскапи за 37 проценти

Пазарење производи во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Наместо субвенционирање на производството или ограничување на цените, Малпас предложи државите да работат на зголемување на понудата на ѓубрива и храна, со насочена помош за најсиромашните луѓе

Светот се соочува со „човечка катастрофа“ поради кризата со храна предизвикана од руската инвазија на Украина, изјави за Би-би-си претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас. Рекордниот пораст на цените на храната ќе турне стотици милиони луѓе во сиромаштија, рече тој, доколку кризата продолжи.

„Светска банка смета дека може да има огромен скок на цените на храната од 37 отсто“, објави Би-би-си.

Ова, како што се наведува, најмногу би ги погодило сиромашните кои „ќе јадат помалку и ќе имаат помалку пари за нешто друго освен за школување“.

„Тоа е човечка катастрофа, што значи дека исхраната опаѓа. Но, тогаш тоа станува политички предизвик за владите кои не можат да направат ништо за тоа, само гледаат дека цените растат“, рече Малпас додавајќи дека тоа влијае врз храната како и врз сите различни видови масла, житарки.

Наместо субвенционирање на производството или ограничување на цените, Малпас предложи државите да работат на зголемување на понудата на ѓубрива и храна, со насочена помош за најсиромашните луѓе.

Шефот на Светска банка предупреди и на појавата на „криза во криза“ што произлегува од неможноста на земјите во развој да ги сервисираат своите големи долгови за пандемијата, во услови на зголемени цени на храната и енергијата.

„Ова е многу реална перспектива. Ова им се случува на некои земји, не знаеме до каде ќе стигне. Дури 60 отсто од најсиромашните земји во моментов се или во долгови или се изложени на висок ризик да бидат задолжени“, изјави Малпас за Би-би-си.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот