Светот поделен околу новата „кубанска криза“

Фото: EPA-EFE/Yander Zamora

Граѓаните на Куба што во неделата излегоа на протести низ земјата, отворено побараа оставка од претседателот, економски реформи и укинување на комунистичкиот поредок. Во исто време на улица излегоа и приврзаниците на режимот, па на повеќе локации дојде до физички судир помеѓу провладините и антивладините демонстранти

Десетици луѓе се уапсени за време на најголемите протести во Куба во изминатите неколку децении. Кубанците се незадоволни поради влошената економска состојба, недостиг на храна и лекови, високите цени и начинот на кој владата се справи со епидемиолошката криза.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ги повика своите приврзаници да се спротивстават на демонстрантите. За време на телевизиско обраќање до нацијата, Дијаз-Канел ги обвини САД за немирите и санкциите на Вашингтон, што траат во различни форми од 1962 година, велејќи дека Америка спроведува политика на економско задушување на Куба.

Тој демонстрантите ги нарече американски платеници ангажирани од Вашингтон за дестабилизација на Куба и ги повика лојалните граѓани да излезат на улиците и да застанат во одбрана на Кубанската револуција.

– Издадена е наредба да се оди во битка. Револуционери, на улица – нагласи Дијаз-Канел.

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез посочи дека платеници финансирани од САД поттикнале немири пред протестите што се одржаа во неделата.

– На Куба не се случи општествен бунт, туку на Куба имаше немири, нарушувања предизвикани со комуникациска операција, што беше подготвувана одредено време и финансирана со милиони – посочи Родригез.

Граѓаните на Куба што во неделата излегоа на протести низ земјата, отворено побараа оставка од претседателот, економски реформи и укинување на комунистичкиот поредок. Во исто време на улица излегоа и приврзаниците на режимот, па на повеќе локации дојде до физички судир помеѓу провладините и антивладините демонстранти.

Фото: EPA-EFE/Andrew Harrerr / POOL

Белата куќа демантира

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, ги негираше обвинувањата на кубанските претставници дека САД се вмешани во поттикнување на протестите.

– Големите протести што избија на Куба беа спонтани и инспирирани од суровата реалност на секојдневниот живот – истакна Псаки.

Таа додаде дека еден од проблемите што Куба не може да добие вакцини против ковид-19 е што земјата не е членка на меѓународната програма за вакцини КОВАКС.

Американскиот претседател Џо Бајден појасни дека Вашингтон го поддржува народот на Куба „во нивниот повик за слобода, ослободување од пандемијата и повеќедеценсиката репресија“.

– Кубанскиот народ храбро заговара основни и универзални права. Тие права, вклучително и правото на мирен протест и правото на слободно одредување на сопствената иднина, мора да се почитуваат – истакна Бајден.

Тој во име на САД го повика „кубанскиот режим да го слушне својот народ и да служи на неговите потреби во овој важен момент, наместо да се богати“.

Фото: Архива

Суспензија на санкциите

Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, предложи дека САД треба да го укинат економско ембарго врз Куба, со цел да ѝ се помогне на земјата, која се соочува со антивладини протести.

– Ако некој сака да ѝ помогне на Куба, прво што треба да направи е да ја укине блокадата – истакна Обрадор.

Мексиканскиот претседател додаде и дека во текот на пандемијата, кога многу побогати земји се соочуваат со проблеми, нехумано е една сиромашна земја како Куба да биде ставена под санкции.

За новата „кубанска криза“ се огласија и претставниците на Русија од каде што посочија дека Кремљ ќе се спротивстави на секое „странско мешање“ во кризата на оваа земја.

– Оценуваме дека е неприфатливо секое странско мешање во внатрешните работи на суверена држава и секоја друга деструктивна акција што би придонела за дестабилизација на островот – се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот