Светата должност на Македонците

Ѓорѓи Тоновски - професор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Идеја водилка на сите национални ослободителни државотворни движења и на нивните водачи е да се формира независна суверена држава која ќе биде рамноправна членка на меѓународната заедница. По нејзиното стабилизирање и признавање од страна на меѓународната заедница независната држава може да донесува самостојно одлуки за своето место во меѓународниот поредок и за стапување во можни сојузи кои според нивната природа и цели се поклопуваат со нејзините национални интереси. Toa e искуството и вообичаената практика во меѓународниот поредок и сојузење. Ова е случај и со Република Северна Македонија. Таа се стекна со своја независност и воедно работи на остварувањe на нејзината амбиција за приклучување во Евроатлантските интеграции. Таа ја стекна својата државност и стана полноправна членка на НАТО структурите. На ред се преговорите за приклучување кон Европската Унија. Со сето оваа таа може да биде задоволна од постигнатото. Меѓутоа, како млада и неразвиена земја таа е соочена со внатрешна криза која предизвикува чувство на немир и незадоволство кај нејзините граѓани зашто кризата резултира и со нестабилност во животот и стандардот на нејзините граѓани. Тоа води кон поделби во општествената јавност кои стигнуваат дури и до степен на длабоко поделено или длабоко затруено општество кое сеуште е заплеткано во мрачните води на транзицијата. Излезот од оваа тешка состојба налага големи напори и енергија на колективниот ум и на политичките и на интелектуалните елити на македонската држава.

Тоа е македонскиот дел од турбуленциите во меѓународната заедница и од долгата криза низ која минува Западниот Балкан па и нашата земја. Кризата создава лоша социјална клима во која се продуцираат разни ставови за начините како таа постепено да се надминува и со тоа да се забрза патот кон европскиот дом. Општествената јавност се соочува со бројни добронамерни, но и злонамерни идеи. Некои од нив се дел од кампањите и пропагандите што некои надворешни политички сили ги пласираат и користат како средство за создавање немир и неверување кај граѓаните, па и промена на општоприфатениот курс на државата кон Евроатлантските интеграции, или дури и кон можен обид за деструкција на македонското етничко битие кај населението. Евидентни се повеќе политички и интелектуални приоди, мислења и реакции на македонското тло. Едни на кризата и на иднината на македонската држава гледаат со песимизам и неверување во стилот дека „не не` бидува како народ”; „ќе ни` ја земат и ќе ни` ја поделат државата”; „ќе пропаднеме”; „ние не сме државотворен народ”; „ќе не` голтнат овие или оние”, и слично на тоа. Со ваквите изливи на малодушност (или можеби со некаква друга умисла) малодушните ги толкуваат состојбите во македонското општество и сејат недоверба низ граѓанството при што непотребно одземаат дел од социјалната енергија. Други гласно негодуваат и процесот на преговори за влез во ЕУ го сметаат за залудно губење време, дека Македонија за да успее треба да биде сама и надвор од сите можни сојузи па и од НАТО и од ЕУ. Овие приговори како да содржат елементи на симпатитии кон други страни на политичката карта на светот, а наликуваат и на омилената ванчомихајловистичка идеја за „Македонија – Швајцарија на Балканите”. Трети струи се занимаваат со варијации на тема Протекторат. Според едно гледање ние сме протекторат на САД и заради тоа не можеме да излеземе од волшебниот круг на кризата и на стабилизирањето на македонската државност. Значи Македонија треба да се дистанцира од Американскиот круг и да ја бара својата среќа на друга страна. Спротивно на ова е мислењето дека од кризата ќе излеземе само ако САД не` прогласат за свој протекторат. Или, за успешно да функционираат определени општествени сектори „ќе бидеме принудени да бараме меѓународен протекторат на целокупниот правосуден систем“ (мислење на една од политичките партии во републиката). Но еве какви се научните сознанија за суштината на протекторатот како состојба во меѓународните односи.

Според теоретските сознанија на меѓународното право протекторат е политички ентитет, кој формално се согласува да влезе во нееднаква положба со друга посилна држава или организација, која се нарекува протектор или заштитник. За замена на заштитата протекторатот прифаќа одредени обврски кои можат да варираат во зависност од врската помеѓу протекторот и протекторатот. Во Европа современи примери за протекторат се Босна и Херцеговина и Косово, кое е под заштита на Обединетите Нации. Протекторат значи: 1. Покровителство, Заштита 2.а) однос на зависност на власта и државната админисдтрација на една држава (заштитена) од друга (заштитничка) економски, политички и воено посилна држава б) држава под таква заштита.

Според наведените значајки очигледно е дека македонската држава не е нечиј протекторат (јавен или таен) и дека протекторатот може да се однесува на целината на државниот ентитет, а не само на еден нејзин сегмент (на пример, судството). Македонското судство заслужува да биде предмет на опсервација на одделни меѓународни актери, но тоа важи или може да се каже и за други области од македонската држава (на пример, здравство, образование, локална самоуправа и слично). Нефункционирањето на државната машинерија налага помош од развиените држави за излегување од волшебниот круг на неспособноста на кадровската структура во тие области или на неинвентивноста и неснаоѓањето на одговорните да понудат и применуваат адекватни мерки за ефикасно работење на институциите. Но помошта во меѓународните односи не означува само однос на протекторат, туку тоа е вообичаена практика меѓу сојузниците (Македонија е членка на НАТО и слично). На пример, неутешно звучи но е очигледен пример за соработка и помош наводот на амбасадорот на САД г-н Рикер дека САД до сега има инвестирано 560 милиони долари во македонското судство, но за жал во него имаат доверба само 4% од македонските граѓани. Тоа е обид да се помогне на партнерот а не истиот да се потчини или стави во позиција на протекторат. Идејата и основата на ваквиот потез е дека пријателските народи и земји треба сесрдно да  се помагаат да излезат од проблемите со кои се соочуваат. Ваквата искрена и сесрдна помош е наменета да се застане цврсто на ноѕе. Тоа не е еднакво на распродавање на националното достоинство, туку барање патишта кон просперитетот. Вака треба да се третира и да се доживува нашето присуство во НАТО, па и нашата определба за приклучување во ЕУ. Колку тоа искрено и одговорно ќе се прифаќа или ќе се злоупотребува зависи од македонската држава и владеачка елита.

Света должност на Македонците и на сите граѓани на републиката е да се движат по  светиот пат кој води од протекторат или разни облици на потчинетост кон независна слободна автономна држава, а не обратно од независна слободна автономна држава кон протекторат или други облици на потчинетост. Вистинската насока е онаа која води кон градење на независна слободна демократска држава во која граѓаните се одликуваат со достоинство, гордост, слобода и еднаквост, односно, развиена држава на граѓани чија сопственост, покрај другото, е сетот од човекови права. Ние сме на почетокот на тој пат по кој македонските граѓани со нивната упорност и храброст треба да стигнат до среќната Македонија. Но сепак треба да се знае дека „патот до рајот покрај со рози е обраснат и со трње”.

(Авторот е професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот