Слатки, шеќерни житарки / Фото: PxHere

Студија открива: Појадокот што го јадат милиони деца го зголемува ризикот од рак

Сланината и колбасите долго време се сметаат за ризичен појадок бидејќи ги поврзуваат со болести како ракот. Но, новите истражувања покажуваат дека дури и популарните слатки, односно шеќерни житарки не се безопасни. Иако често се рекламираат како дел од „здрав појадок“, многу од нив се преполни со бои, засладувачи и конзерванси, па спаѓаат во категоријата високо преработена храна (УПФ), пишува „Дејли мејл“.

Таквата храна веќе е поврзана со порастот на дебелината и дијабетесот, а сè повеќе студии предупредуваат и на врската со ракот и деменцијата. Особено привлечни за децата поради нивните забавни форми и интензивни бои, слатките житарки лесно стануваат секојдневна навика, но и потенцијален здравствен ризик.

Студија објавена во списанието БМЈ покажала дека целата високо преработена храна, а не само месните производи, го зголемуваат ризикот од рак за 12 отсто. Научниците следеле повеќе од 100.000 возрасни Французи, со просечна возраст од 43 години, и откриле дека за секое зголемување на внесот на УПФ од 10 отсто, ризикот од рак се зголемува за 12 отсто.

Слатките житарки и скробната храна сочинувала 16 отсто од вкупниот внес на високо преработена храна кај учесниците. Најсилната врска била пронајдена со ракот на дојка, кај жените кои повеќе консумирале таква храна, ризикот бил за 11 отсто поголем. Во текот на истражувањето, регистрирани биле 2.200 нови случаи на рак, од кои 739 биле рак на дојка.

Еден од најголемите проблеми се емулгаторите, адитиви кои ја подобруваат текстурата на производите, но можат да ја оштетат цревната бариера и да предизвикаат воспаление, што го зголемува ризикот од рак на дебелото црево.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), високо преработената храна сочинува дури 55 отсто од дневниот внес на калории кај возрасните и децата во САД. Најмногу ја консумираат деца од 6 до 11 години, при што дури 65 отсто од калориите доаѓаат од овие производи. Некои студии проценуваат дека УПФ е поврзан со повеќе од 120.000 предвремени смртни случаи годишно во САД.

Иако слатките житарки често се презентираат како здрав појадок, научните докази сè повеќе покажуваат дека тие треба да се јадат ретко. Наместо тоа, експертите советуваат појадок со житарки од цело зрно, свежо овошје и намирници со најмалку преработени состојки, бидејќи она што го јадеме секој ден долгорочно го обликува нашето здравје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот