
Стресот и траумата можат да ја променат вашата ДНК, но и гените на вашите деца и внуци
Одамна е познато дека траумата има краткорочни последици, како што се главоболки, промени во апетитот и спиењето, страв, анксиозност и проблеми со концентрацијата.
Препорачано
Сепак, една нова студија сугерира дека тешката траума, како онаа доживеана во војна, може да остави епигенетски „лузни“ на ДНК кои траат со генерации, пишува „Њујорк Пост“.
Концептот на траума меѓу генерациите не е нов – познато е дека трауматските искуства што им се пренесуваат на потомствата значително го зголемуваат ризикот од депресија и други проблеми со менталното здравје.
Ова истражување го потврдува овој феномен со анализа на ДНК на 48 сириски семејства низ три генерации.
„Студијата документира траги од стрес и траума во телото, под кожата“, вели Кетрин Пантер-Брик, антрополог од Универзитетот Јеил.
„Нашите наоди го даваат првиот доказ дека насилството може да остави епигенетски траги на геномот, што има важни импликации за разбирање на еволуцијата и начинот на кој трауматските искуства стануваат дел од геномот и опстојуваат низ генерациите“, додаде таа.
Тим научници проучувале жени кои биле бремени за време на насилните конфликти во Сирија во раните 1980-ти и 2011 година.
Нивната ДНК била споредена со онаа на членовите на 16 семејства кои ја напуштиле Сирија пред 1980 година, избегнувајќи децениски конфликти.
Собрани се вкупно 131 примерок од брис од образите – од 45 помали деца, 37 постари деца, 47 мајки и две баби.
„Учесниците се приклучија на истражувањето од љубов кон своите деца и грижа за идните генерации“, рече Дима Хамадмад, коавтор на студијата и сириски истражувач чии родители се бегалци.
„Но, повеќе од тоа, тие сакаа нивната приказната за траумата да се слушне и да се признае“, додаде Хамадмад.
Истражувачите исто така откриле дека оние кои биле изложени на насилство додека се уште биле во утробата на нивната мајка покажуваат знаци на забрзано стареење на клеточно ниво, иако сè уште не е јасно какви последици тоа може да има за нивното здравје.
Резултатите од студијата беа објавени минатиот месец во списанието „Саентифик Репортс“ (Scientific Reports).
Авторите на студијата повикуваат на понатамошни студии за долгорочните последици од насилството – вклучително семејно насилство, сексуално насилство и насилство со оружје.
„Самата идеја дека траумата и насилството може да имаат последици низ генерации треба да поттикне поголема емпатија и да ги принуди носителите на одлуки да посветат поголемо внимание на овој проблем“, рече Кони Малиган, коавтор на студијата.
„Тоа би можело да помогне да се објаснат некои од навидум непрекинатите меѓугенерациски циклуси на злоупотреба, сиромаштија и траума што ги гледаме ширум светот“, додаде таа.