Стравот од непознатото како предводник на креативноста го истакнува изложбата на Христина Марковска

Фрагмент од просторната инсталација „Страв од НЕпознатото“

Во галеријата на Домот на култура „АСНОМ“ во Гостивар на 24 ноември, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Страв од НЕпознатото“ на вајарката Христина Марковска. Свој поглед кон изложбата веќе упатија отец Игор Калпаковски и историчарката на уметност Маја Чанкуловска Михајловска.

– Стравот што вообичаено го чувствуваме е негативна емоција. Стравот со кој обично се справуваме е нешто кое треба да го надвладееме. Тоа е дел од нашето секојдневие. Но, дали ваквото спознание на стравот е доволно потребно или треба да трагаме и бараме нешто повозвишено? – загатнува отец Игор Калпаковски.

Тој додава дека „компаративно толкувањето на стравот од непознатото можеме да го објасниме во поглед на поетско творештво. Кога твориме тоа го правиме на свесно или несвесно ниво. Може ли да го спомнам само ’стравот на уметникот пред празното платно‘, што најверодостојно ја интерпретира една од највисоките способности на луѓето – поетската. Така отпочнува цело време. Со страв. Но, каде е крајот на тоа?“, истакнува Калпаковски.

– Симболизмот може да го издвоиме како круцијален елемент во најновиот проект на Христина Марковска, насловен „Страв од НЕпознатото“, без оглед дали е директен – преку реално претставени референтни модели, или, пак, асоцијативен, минимизиран и суптилно редуциран. На почеток, анализирајќи го терминот страв, може да се повикаме на општоприфатените дефинирачки одредници како едно од основните чувства кај човекот, активатор на модусот на преживување и истиот може да биде ирационален или рационален. Со самото проширување на „заканата“ на која се однесува стравот, односно негово дефинирање како реакција во однос на непознатото, тој се рационализира во смисла на сопственото надминување и стимул за перцепирање и делумно или целосно надминување на несаканите метаболитички или психолошки функции кај човекот и е, на извесен начин, соочување со двојната природа на нештата.

Самиот проект е замислен како интегрално уметничко дело во кое доминираат дуализмите како процес на уметничко градење на една целост. Во конкретниот пример, целината на контрасти го симболизира човековото созревање преку совладување на сите дуализми. Онтолошки земено, процесот на надминување на ограничувањето на стравот од непознатото кај една индивидуа е претставена преку сета асоцијативност на апстрактните геометриски форми, бои, материјал, структура (претставени преку 45 панели), симболизирајќи го односот или борбата на сите контрадикторности, лични анксиозности и општествени борби во реалноста на неизвесното секојдневие на современиот свет кој, пак, технички се базира врз конфронтацијата или прифаќањето на дуализмите.

Од друга страна, пак, психолошки земено, стравовите од најраната возраст не постојат, тие се стекнуваат и создаваат преку реално влијание врз личноста, претставена преку чистата детска фигура во сета нејзина фигурална конкретност, надополнета со „реди мејд“ елемент (светилка). Следствено на ваквата позиционираност на елементите, и контрадикторно на самиот наслов, овој сегмент во делото на Христина Марковска не е продолжение на Протагорината философија во која „човекот е мерило на сѐ“, туку е архетип на Диогеновата потрага по човекот, носејќи ја со/во себе сета симболика на боженствената светлина („пламен на светот“ кој го симболизира Божјото присуство) во секој од нас, како и крајно хуманистичката порака за личниот стремеж кон вистината, добрината, разумот, напредокот – напиша Маја Чанкуловска Михајловска.

Христина Маркоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје, смер вајарство во класата на проф. Жарко Башески. Магистрирала во 2013, на смерот вајарство под менторство на проф. Гоце Наневски. Студент е на Медицинскиот факултет при УКИМ и Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ, Скопје. Работно искуство остварува како професор по ликовна уметност во колеџот „Јахја Кемал“ (2018/19) и ОСТУ Гостивар од 2016 година). Досега учествувала на многубројни групни изложби. Самостојната изложба „Страв од НЕпознатото“ ќе биде поставена до 7 декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот