Стратегија за професионализација на јавната администрација до 2030 година и дигитални документи за граѓаните

Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација/Фото: Слободен печат

Деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација која ќе обезбеди квалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и бизнис заедницата е целта на новата Стратегија за реформа на јавната администрација која треба да се реализира до 2030 година.

Ако се` тече според визијата на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и 80-те домашни и 20-те странски експерти кои помогнаа во нејзината изработка, до 2027 година македонските граѓани повеќе нема да лутаат по шалтери и низ институциите по потребните документи, туку тие ќе се издаваат во дигитална форма и ќе ги добиваат од удобноста на своите домови. Оптимизацијата и реогранизацијата на јавната администрација за подобрување на сервисите за граѓаните останува голем предизвик.

-Целта е јавна администрација компатибилна со европските стандарди. Со оваа стратегија поврзани се неколку закони на кои се работи и се во процедура во Влада и до крајот на наредниот месец да се се испратат во Собрание. Без промена на тие закони и без креирање на нови кои се поврзани со реформа на јавната администрација таа стратегија и тој акциски план не може да се реализира. Свесни сме за тоа и паралелно работиме и со другите работни групи кои се поврзани директно или индиректно со Стратегијата. Оптимизација може да се постигне со поврзување на институциите и граѓаните да одат во една точка услуги и таму да ги добиваат сите сервиси. Работиме интензивно и со поштите за да можеме тие 333 точки на ниво на државата од наредниот месец да почнеме да ги отвораме и од таму може да добиваат услуги оние граѓани кои немаат доволно дигитални вештини, рече министерот Алиу.

Многу предизвици остануваат на патот до реализацијата на оваа Стратегија, меѓу другото и како јавната администрација да се заштити од влијанието на политичките партии и да се подигне нивото на професионализација не само во пониските ешалони во јавните служби туку и на највисоките раководни функции, со крајна цел справување со корупцијата, тргувањето со влијание и другите злоупотреби.

– Во моментов правиме закон за високораководна функција кадешто за првпат ќе имаме методологија и инфраструктура како од граѓанин во државата да стигнете до раководител, до директор на некоја институција. Со таков пристап кога има експерт кој менаџира со процесите ќе знае и успешно да менаџира со институциите. Ние ќе знаеме како некој влегол таму и како ракува со процесите во негова надлежност. Верувам дека само дигитализацијата на процесите и со менување на законите ќе се оптимизира јавната администрација, рече Алиу и додаде дека балансерот односно етничкиот клуч при вработувањето само се анализира, но за него нема друга алтернатива и во новата стратегија.

-Балансерот сега се анализира од технички аспект. Анализираме колку балансерот бил злоупотребен од институциите и поточно страна пред се на граѓаните кои аплицирале во тие институции. Ние немаме законско право како институција да се мешаме кој како се чувствува. Таа злоупотреба се прави поради тој пристап како граѓани и во моментов немаме решение за промена на балансерот со друг елемент или методологија, но во иднина ќе размислуваме во таа насока, рече Алиу.

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека на македонските граѓани им е потребна професионална администрација ослободена од политичките влијанија.

-Реформата на јавната администрација има централна улога во идниот развој на земјата и нејзиното тежнеење да стане членка на Европската Унија. Зајакнувањето на јавната администрација е вклучено во поглавјето Основи и се отвора на почетокот на преговарачкиот процес и ќе се ревидира во текот на целиот процес на пристапување кон ЕУ. Најважни предизвици се од аспект на човечките капацитети, од аспект на отчетност, а нужно е и решавањето на проблемот со политичките партии во именувањето на лицата што доведува до проблеми во функционирањето на службите, нагласи евроамбасадорот Гир.

Тој како позитивни практики во функционирањето ги посочи Државниот завод за ревизија и Државната комисија за справување со корупцијата.

Според Грегор Вирант, шеф на програмата СИГМА, при ОЕЦД која ја помогна изработката на Стратегијата, најважна е политичката волја и промена на културата ако сакаме да имаме професионална јавна администрација и тие препораки важат за сите земји во регионот.

-Граѓаните мора да одат од еден до друг шалтер, со документи како поштари наместо јавната администрација да врши размена на податоците кои им се во службените регистри. Потребно е време системот да профункционира, а посебно да се внимава на вработувањето врз основа на професионални заслуги, услуги лесни за користење и спроведувањето на стратегијата во пракса , рече Вирант.

Премиерот Ковачевски кој преку видео порака поради службениот престој во Њујорк им се обрати на присутните за дебатата за Стратегијата нагласи дека овој владин документ ќе овозможи ефикасна борба со корупцијата и судирот на интереси, а на граѓаните ќе им обезбеди испорака на повеќе и поквалитетни услуги, дигитализирање на процесите и електронска размена на податоци што севкупно ќе води кон „европски квалитет на живот каков што заслужуваат и ќе го имаат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот