Столтенберг вечерва е во Сараево, во вторник доаѓа во Скопје

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО. Фото: МИА

Генералниот секретар на НАТО утре попладне ќе отпатува за Приштина, а во вторник претпладне ќе биде во Белград

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вечерва е во Сараево, како прва етапа од неговата турнеја низ четири земји од Западниот Балкан, во чии рамки во вторник попладне ќе пристигне во Скопје, каде покрај средби со највисоките претставници на властите на земјата, ќе се сретне и со лидерите на земјите членки на Алијансата од регионот, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти НАТО, турнејата низ регионот Столтенберг ќе ја започне со работна вечера со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а утре ќе има средби со високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит и со претседавачката со босанскохерцеговскиот Совет на министри Борјана Кришто. По овие разговори, Столтенберг во седиштето на НАТО во Сараево ќе има средби и со воените лидери и со претставници на меѓународната заедница во БиХ.

Од Сараево, првиот човек на Алијансата утре попладне ќе отпатува за Приштина на средби со претседателката и со премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти.

Вјоса Османи и Јенс Столтенберг. Фото: МИА архива

Тој потоа ќе ја посети и Командата на силите на НАТО во Косово, каде што ќе се сретне со командантот на КФОР, генерал-мајорот Озкан Улуташ и со директорот на Советодавниот тим за врски на Алијансата, бригадниот генерал Кристијан Лудевиг фон Хамерштајн, а ќе има и обраќање пред војниците ангажирани во мисијата.

Во вторник претпладне, Столтенберг ќе престојува во Белград на разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, а ќе се сретне и со српски научници кои ќе му ја претстават технологијата што ја развиле во контекст на научните проекти на НАТО за мир и безбедност.

Вучиќ и Столтенберг. Фото: МИА архива

Попладнето, генералниот секретар на НАТО од Белград ќе допатува во Скопје, на средби со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.

Пендаровски и Столтенберг. Фото: МИА архива

В среда претпладне предвидено е Ковачевски и Столтенберг во Скопје да се сретнат со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот – хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Словенија, Роберт Голоб и на Црна Гора, Милојко Спајиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот