
Стоилевски го водеше Пролет до триумф против ГРК Тиквеш
Тинекс Пролет маестрално ја отвори новата сезона во ракометната Супер лига откако на домашен терен славеше над Тиквеш со 22:19. Цврстата одбрана и голманот Бојан Солев беа заштитен знак на Тинекс Пролет на овој меч, во кој играчите на Никола Матлиески имаа целосна контрола над резултатот од почеток до крај, покажувајќи ги своите квалитети против директен ривал од борбата за пласман во плејофот.
Препорачано
Доне Мајнов го постигна првиот гол за Тинекс Пролет сезонава, стрелајќи прецизно во првиот напад за водство од 1:0. Двата тима играа трпеливо во нападот на почетокот од мечот, па по 10 минути игра резултатот гласеше 4:4, по одбранетиот пенал на голманот Солев. Следеа шест минути апсолутна доминација на Тинекс Пролет, период во кој тимот на Матлиески постигна четири гола во низа и со седмерецот на Стоилевски поведе со 8:4, принудувајќи го гостинскиот тренер на тајмаут. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Тинекс Пролет во првото полувреме, резултатот беше контролиран до 10:6 во 25 минута, кога Матлиески првата минута одмор. Во финишот од полувремето сепак дојде до пад на концентрацијата, па иако голем дел од завршницата Тинекс Пролет имаше играч повеќе на теренот, сепак Тиквеш успеа да ја преполови негативата и на одмор се замина со предност за домаќинот од 12:10.
Второто полувреме Тинекс Пролет го почнав со гол на Ласко Андоновски за 13:10, но гостите од Кавадарци успеаја да се вратат и по 10 минути игра во полувремето да израмнат на 15:15. Следеше одговор, голови на Стоилевски и на Андоновски за 17:15, а во 47 минута прецизен беше и пивотот Глигоров, враќајќи ја предноста на „плус три“. При 19:16 во 48 минута исклучен беше токму Глигоров, а 20 секунди подоцна и Мишевски, по што домашниот тим остана со двајца играчи помалку на терен. Токму со двајца играчи помалку Тинекс Пролет го имаше и најубавиот потег на мечот, Мајнов фрли цепелин, а Стоилевски од крило го постигна својот седми гол за 20:17.
Голманот Солев имаше извонредна интервенција при зицер на гостите при 21:18, следеше нова реализација преку Доне Мајнов, па гостинскиот тренер побара тајмаут на шест минути до крајот, при водство на Тинекс Пролет од 22:18. Искусно, ракометарите на Тинекс Пролет знаеја како да го приведат мечот до крај, клучна беше цврстата одбрана што го трасираше патот до стартниот триумф сезонава, изразен со конечните 22:19, со уште една одлична одбрана на голманот Солев.
Токму Солев со 13 успешни интервенции беше предводник во оваа голема победа, додека во нападот најмногу се истакнаа Стоилевски со седум гола од осум обиди, додека Андоновски, Манов и Стојановски го завршија мечот со по три погодоци. На спротивната страна Коцев запиша пет, Манасков четири, а Стојановски три погодоци.
Во следното коло на 13 септември Тинекс Пролет ќе гостува кај актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, додека Тиквеш дома ќе се соочи против Алкалоид.
Супер лига (мажи)
1. коло
Струга – Вардар 1961 25:38
Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер 20:29
Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 29:32
Пролет – Тиквеш 22:19
МРК Куманово – Радовиш 34:32
10 септември, 18.30 часот
Алкалоид – ГРК Охрид