Плати од два и пол до сто денари

Стоденарките се најфалсификувани македонски банкноти, од странските водат монетите од 2 евра

При експертизата на техниката на изработка на фалсификуваните книжни пари, утврдено е дека тие се изработени главно на обична хартија, без доволно заштитни елементи, со користење компјутерска техника (скенирање и печатење) или, пак, со користење фотокопир во боја

Фалсификаторите не покажуваат особен интерес за македонските пари, појавата на лажните пари е многу ниска, а ризикот за граѓаните и за пошироката јавност да дојдат во контакт со фалсификувана пара е минимален, констатира Народна банка во Извештајот за работењето за 2024 година. Сепак, банкнотите од 100 денари, лани биле најфалсификуваната македонска банкнота и дури 92,6 отсто од вкупните фалсификати (откриени 464 вакви парчиња), им припаѓаат на еден ист тип фалсификат со апоенска вредност од 100 денари. Потоа следат апоенот од 500 денари ‒ 15 парчиња, или 3 отсто од вкупниот број фалсификати и апоенот од 2.000 денари ‒ 12 парчиња, или 2,4 отсто од вкупниот број фалсификати. При експертизата на техниката на изработка на фалсификуваните книжни пари, утврдено е дека тие се изработени главно на обична хартија, без доволно заштитни елементи, со користење компјутерска техника (скенирање и печатење) или, пак, со користење фотокопир во боја, сумираат од НБРСМ.

-При експертизите на доставените сомнителни книжни пари деноминирани во денари, коишто се извршени во текот на 2024 година, се утврдени 501 фалсификуван примерок (наспроти 32 утврдени фалсификувани книжни пари во текот на 2023 година). Овој тип фалсификат може лесно да се препознае преку едноставна проверка на заштитните елементи коишто задолжително ги поседуваат автентичните банкноти со истата апоенска вредност. Вкупната вредност на фалсификуваните денари изнесува 83.900 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек – велат од НБРСМ.

Во однос на извршените експертизи на доставените сомнителни книжни пари во странски валути во 2024 година, од вкупно 549 направени анализи се утврдени 291 фалсификуванa банкнота и 258 оригинални пари. Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во евра (214 парчиња) и американски долари (70 парчиња). Како и во претходните години, и во текот на 2024 година има појава на релативно големи количини фалсификувани монети на евра. Во оваа година се откриени вкупно 6.181 парчe фалсификувани монети на евра, од кои 4.738 парчиња во апоен од 2 евра и 1.443 парчиња во апоен од 1 евро.

-Општата оцена е дека фалсификуваните книжни пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики. Како и во претходните години, и во текот на 2024 година има појава на релативно големи количини фалсификувани монети на евра. За да ги препознаваат лажните пари, Народна банка лани спровела редовни задолжителни обуки за вработените во банките и центрите за готовина за рачна проверка на автентичноста и соодветноста на парите во оптек, како и обуки за полициските службеници и за експертите од останатите институции коишто во рамките на своите надлежности преземаат активности за превенција и справување со фалсификувањето на пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот