„Стискајте“ до дома, нема јавни тоалети низ Скопје

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од Град Скопје велат дека иако имало план да се спроведат повеќе активности во оваа насока, поради појавата на пандемијата со коронавирусот се промениле плановите и приоритетите во работата.

Градскиот парк, поради убавото и сончево време, деновиве е преполн со посетители, а особено со деца, затоа што ова е најубавиот простор во центарот на градот, каде што можат да се поминат неколку пријатни часови на воздух и во зеленило.

Сепак, доколку некому му притреба тоалет додека шета или рекреира во паркот, ќе мора да се стрпи до дома, а честа глетка е малите деца (кои тешко дека можат да се стрпат до дома) да се олеснуваат покрај дрвата или грмушките. Јавните тоалети во паркот, кои и онака се во лоша состојба, треба да се отворат деновиве, затоа што работат од април до декември. Но, и кога се отворени, таму никој не внесува дете, а возрасните влегуваат само ако мораат. Во јавните тоалети, кои според динамиката на работите се чистат само двапати неделно, јасно е дека хигиената не е на задоволувачко ниво.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Проблемот со јавните тоалети е долгогодишен и го забележуваат сите посетители на главниот град, но и неговите жители. Граѓаните, кога имаат потреба, најчесто ги користат тоалетите во трговските центри, кои редовно се одржуваат, но доколку во близина нема такво нешто, настанува сериозен проблем.

-Навистина е проблем тоа што нема јавните вециња во Скопје. Кога морам, ги користам тоалетите во трговските центри или во кафулињата. Никој досега не се зафати да направи јавни тоалети ама да се одржуваат, да се чистат редовно. Проблем е ова навистина – вели Наташа од Карпош.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според Законот за комунални дејности, надлежни за одржување на јавните тоалети се општините, а градските власти, кога се јавните тоалети во прашање, многупати се повикуваат и на Законот за Град Скопје, според кој јавните тоалети се во ингеренција на општините.

Сепак, во својата предизборна програма, градоначалникот Петре Шилегов вети дека Скопје ќе добие јавни тоалети.

„Отвораме нови јавни тоалети на најфреквентните сврталишта на градот. Квалитетно изработени, за сечии потреби, обезбедени и редовно одржувани“. Ова го пишуваше во програма на Шилегов, каде се тврдеше и дека ќе бидат искористени и локациите на старите тоалети, кои ќе бидат реконструирани, но ќе бидат изградени и нови, но и после три и пол години од неговиот мандат нема промена на постојната состојба.

-Град Скопје имаше во план да спроведе повеќе активности во оваа насока, но поради појавата на глобалната пандемија со корона вирусот се променија плановите и приоритетите на градот и истите не беа реализирани – објаснуваат од Град Скопје.

Во моментов, под надлежност на Град Скопје се три јавни тоалети, два од нив се во Градски парк, како и вецињата под мостот „Гоце Делчев“, за чие одржување се грижи ЈП „Паркови и зеленило“. Последен пат овие тоалети се реновирани пред шест години.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот