
Стејт департмент: Во Македонија е слободно здружувањето, Бугарија не дозволува здруженија на етнички Македонци
Уставот и законот во Северна Македонија ги обезбедуваат слободите на мирно собирање и здружување, а владата генерално ги почитува овие права, пишува во последниот Извештај на американскиот Стејт департмент за човековите права, без да се споменат дополнителни констатации на пример за положбата на Бугарите во земјава.
Препорачано
За разлика од извештајот за Македонија, во извештајот за Бугарија се наведува дека властите во Софија продолжуваат да ја „негираат регистрацијата на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор, и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата биле прекршени слободата на здружување на групите“.
Но, Стејт департментот во извештаите за двете земји ги опфаќа забраната на клубот на Македонците во Благоевград и отворањето на културниот клуб на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Во јуни Окружниот суд на Благоевград ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на ОМО-Илинден Благоевград со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското малцинство, ќе ја загрозат националната безбедност на земјата со изјава дека ‘правото на здружување е основно човеково право, но престанува да биде такво кога го поткопува јавниот ред‘. Групите се пожалија дека наместо да дадат инструкции како да ги поправат грешките во нивните апликации, властите ги третирале како непоправливи, толкувајќи го законот преку идеолошки објектив што го оневозможувало регистрирањето на организација која ја фокусирала својата активност на етничките Македонци“, пишува во оценката на Стејт департментот.

Што се однесува до отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ се наведуваат реакциите на Еврејската заедница во Македонија.
„Уставот и законот ги обезбедуваат слободите на мирно собирање и здружување, а владата генерално ги почитува овие права. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија објавија заедничко соопштение за медиумите во кое го осудуваат именувањето на бугарскиот културен центар во Битола по Ванчо Михајлов, познат соработник на фашистите и нацистите. Тие рекоа дека отворањето на центарот на 16 април – Шабат и првиот ден на Пасха – било чин на навреда и негирање на холокаустот. Во октомври граѓаните протестираа како одговор на континуираното именување на бизниси според нацистичките соработници како Михајлов или Цар Борис III, вклучително и за отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид. Во ноември Парламентот усвои измени на законите за политички партии и здруженија на граѓани за да се забрани регистрацијата и работењето на оние кои носат имиња и симболи или се залагаат, поттикнуваат или одобруваат нетолеранција, омраза, фашистичка идеологија, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх. Еврејската заедница се пожали дека нејзината иницијатива од 2017 година за измена на кривичниот законик што ќе го криминализира антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот или глорификацијата на нацистичките и фашистичките симболи допрва треба да биде усвоена“, пишува во извештајот на Стејт департментот.

Во извештајот на Стејт департментот стои дека властите во Северна Македонија преземаат мерки за подобрување на состојбата со човековите права, но и натаму има веродстојни извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата.
Владата, како што се наведува, презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција и други незаконски дејства. Полицијата ја одржува внатрешната безбедност, вклучително миграцијата и обезбедувањето на границите, а цивилните власти имаат ефективна контрола над безбедносните сили.
„Уставот и законите забрануваат тортура, нехуман и понижувачи третман, но имаше извештаи дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и употребувала прекумерна сила. Владата презеде мерки да ги истражи тие случаи и да ги гони извршителите. Единицата за професионални стандарди на МВР извести дека во првите седум месеци од годината постапила по 30 претставки за употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Одделението оцени дека 16 од приговорите се неосновани, 11 отфрли поради недоволни докази, а три потврди“, пишува во извештајот.

Стејт департментот исто така ги наведува лошите услови во дел од затворите, недостиг на храна и несоодветни санитарни услови. Пренатрупаноста останува проблем, особено во некои одделенија на затворот Идризово, најголемата затворска установа во земјата. Некои ќелии во Идризово имаа од 16 до 19 затвореници. Се посочува на извештајот на Народниот правобранител во кој се забележани лоши услови и во повеќето други затвори и севкупен недостиг на финансирање и недоволно кадар во затворскиот систем.
Има недостиг на образовни услови и обуки за работни вештини на малолетниците, и несоодветно сместување на малолетни девојчиња на возраст од 14 до 16 години. Податоците покажале дека на 58 отсто од затворените малолетници им биле дијагностицирани проблеми со менталното здравје.
Исто така, забележано е лошо управување, ендемска корупција меѓу затворскиот персонал, насилство меѓу затворениците, несоодветна здравствена заштита и лоши услови за живот (особено во Идризово). Нема извештаи за политички затвореници или притвореници.

Според оценките на Стејт департментот, властите не секогаш ја почитувале судската независност и непристрасност иако Уставот предвидува автономни и независни судови. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судовите и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. И обвинителите покажале непрофесионално однесување и корупција преку слабо гонење и намерно недоволно обвинение кое не е поткрепено со докази.

Судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и повеќе обвинети, а судството и Јавното обвинителство останаа недоволно финансирани и недоволно екипирани.
Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, владата покажа недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во ноември, Јавното обвинителство Скопје (ОЈО) потврди дека назначило обвинител да служи како лице за контакт во врска со случаи во кои се вклучени новинари и да следи случаи во кои новинарите се појавуваат како оштетени страни, сведоци или престапници.
Се посочува дека законот забранува говор кој поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за прекршување. Медиумите и известувањата, според оценката на Стејт департментот, продолжија да бидат во голема мера поделени по политички линии, но бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува. Законите кои го ограничуваат говорот што поттикнува национална, верска или етничка омраза исто така ги опфаќаат печатените и радиодифузните медиуми, објавувањето книги и онлајн весниците и списанијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и граѓанските организации регистрирале значителен пораст на „говорот на омраза“, вклучително и во социјалните и некои традиционални медиуми.

Рекламирањето на централната власт на комерцијалните канали е забрането, но рекламирањето на локалната власт не е. Државата продолжи да ги субвенционира печатените медиуми. Во декември 2021 година, по отворен повик, владата одвои приближно 570.000 американски долари на 11 печатени медиуми за покривање на дел од трошоците за печатење и дистрибуција во 2021 година.
Советот за етика во медиумите продолжи да работи на унапредување на саморегулацијата. Исто така, се нагласува и дека искусни новинари и претставници на медиумите изразиле сериозна загриженост поради засиленото руско влијание и дезинформации, пред се преку зголеменото присуство на српските медиуми во земјата.
Во извештајот се евидентирани и случаи на закани и малтретирање на новинари. Заклучно со 15 август, ЗНМ има добиено осум поплаки од новинари. Полицијата повикувала новинари на „информативни интервјуа“, спречувала новинари да ја извршуваат својата должност, имало закани, навреди и несоодветно однесување на функционери од централната и локалната власт или членови на политичките партии.
Според септемвриското истражување на платформата за истражувачко новинарство и аналитика, 80 отсто од анкетираните жени новинари често биле цел на онлајн малтретирање, вклучувајќи и закани. Во повеќето случаи, малтретирањето било поврзано со сториите објавени од тие новинари.
Во делот, пак, што се однесува на слободното учество во политичкиот процес, се укажува дека законот им дава на граѓаните можност да ја изберат својата влада на слободни и фер периодични избори што се одржуваат со тајно гласање и врз основа на универзално и еднакво право на глас.